Ја разбирам заложбата на некои мои пријатели да се објави целокупното мое мислечко и книжевно творештво (моментно 124 дела!) во хартиена-печатена форма во 10-тина тома (белки можно во толку), секој со по 2.000-3.000 страници. Но, жалам! Тоа е дефинитивно невозможно. (Веројатно до мојата смрт и по неа.)
Министерството за култура и туризам не покажува-искажува никаков интерес, а ниту е реално да го очекувам тоа во скорашна иднина. (Интерес за непризнаен творец-старец на половина од осмата деценија живот?!) Имено кај нас е како досега, така ќе биде уште долго отсега: поважни за финансиска поддршка се издавачите, отколку авторите-писателите.
Од друга страна, јас лично не дозволувам објава на мое дело од страна на македонски издавач (или повеќе издавачи-здружени), а со мојата пензија, доволна за (не)пристојно старечко живуркање, не можам ни да помислам на самиздат-објава на дело со самофинансирање. (Тоа го сторив пред 10 години-објавив стихозбирка и збирка проблесоци во мислата, обете во многу мал тираж-10 и 50 примероци.)
Значи, сè останува како досега: целокупното мое творештво е достапно-може да се чита само на Интернет.
Кон напишаново и објавено како статус на социјалната мрежа „Фејсбѕук“ и ова за слободно промислување:
Ме убедува еден од моите најблиски заедно да се обидеме да најдеме донатори за приватна објава-самиздат на макар само еден том од 2.500-3.000 страници(!)-со сите мои досегашни 24 збирки „Думање на голем и мал човек: афоризми и други јадровизми или проблесоци во мислата (мислени кажувања за што било: промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости“ (секоја има по 1. 000, значи вкупно 24.000) и досегашните 4 збирки „Народски изреки“ (исто така секоја со по 1.000-4.000). Макар во ограничен тираж од на пример 100 примероци.
„Човеку, па тоа би било чудо невидено! Ќе одекне во светот! Еден мислител објавил грандиозно дело, единствено на светот, со вкупно 28.000(!) мисли, афоризми, јадровизми и изреки напишани на „општонароден“ дијалект. Замисли книга толку „дебела“. Што велиш?“
Што да му речам? Му реков дека донатор за такво издание кај нас ни со лупа не можеш да „догледаш“-да најдеш. Кој би „фрлил пари“ за такво нешто?!
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 79