Малкумина знаат дека глината содржи со векови акумулирана енергија од природата, која може извонредно да се „активира“ за превентива и лечење на многу болести. За нејзината „употребна вредност“ многумина знаат, многумина ја пробале, а не ја „признаваат“ само оние што не ја искусиле неговата благотворност.
Одамна е откриено односно потврдено дека лековитоста глината им ја должи на структурата и составот.
Структурата е всушност кристална решетка која ѝ дава способност да складира енергија и истата во одредени услови да ја ослободи. Натаму, глината ја врзува влагата неколку пати повеќе од сопствената маса. Има голем топлотен капацитет, голема топлотна спроводливост и голем степен на задржување на топлина.
Според хемискиот состав, таа содржи силициум, алуминиум, титан, железо, калциум, магнезиум… Елементарните минерали се катализатори кои ги забрзуваат хемиските реакции што го поттикнуваат метаболизмот.
Исто така, глината го впива статичкиот електрицитет и врши детоксикација на радиоактивните нуклеотиди.
За дејството:
Најнапред, глината дејствува врз нивото на ќелиите односно продира во телото низ ќелиските мембрани. Таа успешно дејствува и врз најпознатата ќелиска пумпа во организмот-натриумовата и калиумовата, и тоа со забрзување на нејзината функција што, всушност, значи забрзување на метаболизмот.
Честичките на глината се помали од многу бактерии, така што е одличен антисептик.
Употреба:
Глината најмногу се користи во физикалната медицина, за надворешна употреба, при што се аплицираат облози на целото тело или парцијално-на делови од него. Таа може и да се пие оти е докажано дека е мошне корисна.
Како облог се користи во физикалната медицина, антицелулит третманите, дерматологијата и козметиката.
Литературата ја наведува употребата на глината во рамките на безапаратурната физикална терапија. При нејзината апликација се ослободува акумулираната енергија и грее, со што ја забрзува циркулацијата и предизвикува вазодилатација на ткивото, а едновремено врши анелгезија. Во светот се познати бањите со лековита глина-„кал“ која се користи со цел лечење на локомоторниот апарат.
Глината како облог-обложување на болно место:
Се меша со минерална вода која е од истиот простор од кој потекнува и глината. При мешањето на смесата се користат пластични или дрвени лажички и пластични или керамички садови. Метални предмети не би требало да се користат за да се спречи процесот на оксидација на металниот предмет и глината. Така добиената смеса се остава да „созрее“. Тоа е процес кој трае 3 недели, колку што е оптималното време глината да го даде својот максимум. Добиената смеса во стерилизатор се загрева непосредно пред употребата, на температура од 35 до 40 степени Целзиусови. Потоа се обложува болното место, а преку облогот се поставува пластична фолија, преку која се поставува фротир. Облогот се држи на телото 15 до 30 минути, секојдневно во наредните 3 недели.
Наместо минерална вода, можно е смесата да се направи и со литар дестилирана, загреана на темпеатура од 35 до 40 степени Целзиусови.
По симнувањето на облогот се препорачува одмор од 30 минути за да се избегне брзо губење на примената топлина.
Постојат голем број идникации за употреба на глина според патологија: ревматоиден артритис, Бехтеревлева болест, артроза, гихт, спондилоза, миофиброзити, тендинити, перинеурити, трауми, спортски повреди, дископатија, дискус хернија, брахијалгија, лумбоишијалгија, лумбарен синдром.
Со глина против целулитот:
Штетните продукти на метаболизмот кои организмот не успеал да ги исфрли од телото се групираат во капсули што се наоѓаат под кожата. Таквите испакнатини на кожата се видливи и се нарекуваат целулит. За проблемот со него да се реши е потребно да се отворат капсулите и да се исфрли штетната содржина од организмот. Системско решение е отворање на содржината на капсулите, како и исфрлување од организмот преку лимфата и крвта. Значи, потребно е тие да се мобилизираат на местата каде што е присутен целулитот, што со апликација на глината се обезбедува низ апсорпција на токсините и нивно исфрлување од организмот.
Местата зафатени со целулит се обложуваат со загреана смеса на „зрела“ глина, добиена така што глинен прав се меша со минерална вода и се остава да „зрее“ во наредните 3 недели.
Најчесто зафатени места со целулит се: стомакот, бедрата, бутините, глутеалниот регион, колената, листовите, скочните зглобови, подлактицата.
Преку облог се поставува пластична фолија, а преку неа фротир, додека телото се замотува во електрично ќебе. Облогот се држи на телото 30 минути.
За детоксикација:
Глината се користи и како одлично средство за детоксикација. Таа ги врзува- апсорбира штетните продукти на метаболизмот и ги исфрлува од организмот. Глината е негативно, додека штетните продукти (токсините) се позитивно наелектризирани. Негативно наелектризираните делови на глината се однесуваат како магнет и на тој начин ги привлекуваат позитивно наелектризираните слободни радикали кои се произведуваат во телото, ги извлекуваат и ги елиминираат од него. Одлично се покажала во антицелулит третманите зашто нејзиното топлотно дејство и детоксикацијата со правилно аплицирана лимфна дренажа даваат извонредни резултати.
Употреба на глината во дерматологијата:
Глината долго била единствено средство што се користело во лечење на кожни заболувања. Со неа се третираат: шуга, изгореници, чиреви, екцеми, акни, псоријаза, дерматози, дисебороичен дерматитис, каснувања на инсекти. Освен тоа, таа е непропустлива за УВ зраците, што значи дека е добра заштита од Сонцето.
Во козметиката:
Антибактериското и антисептичкото дејство на глината претставуваат основен предуслов за нејзина примена во козметиката. Таа најчесто се користи како маска за лице: за затегнување на кожата, ја забрзува циркулацијата, за пилнг на кожата.
Некогаш косата се миела со глина. Од скоро тоа е повторно во мода, а пред се корисно.
Во козметичката индустрија глината се користи за подготвување на пудри, кармини за усни, шминка. Козметичките препарати од глина се неспоредливо подобри од другите, но и цената им е мошне висока.