На иницијатива на млад лав во полна снага, претендент за цар на животните, се одржала средба меѓу него и стариот и обеснажен лав. Тој бил премногу долго на царскиот престол, а што, пак, резултирало со губење на авторитетот како цар кај другите лавови, лавиците и останатиот животински свет. Младиот лав веќе подолго време не ја криел својата амбиција, да стане цар, па на стариот лав му била совршено јасна целта на средбата: доброволно и достоинствено да отстапи, да слезе, сам да се симне од престолот или да изгуби на демократски избори за цар.
Прв збор зел младиот лав:
-Царе наш уште малку време, се надевам дека не ти треба многу убедување оти ептен остаре и треба да заминеш во заслужена пензија. Секоја чест на мудроста и искуството што ги имаш. Но, белки си забележал дека веќе немаш никаков авторитет ниту кај твојата лавица, а камо ли кај другите животни во нашата царштина.
Стариот лав реагирал со продорен рик и со лутина и горчина во гласот:
-Слушни ме, млад и амбициозен лаву. Не ти дозволувам да ја мешаш мојата лавица во контекстот на губењето на мојот царски авторитет. Односите меѓу нас се наша интимна работа и ниту имало, ниту дозволувам да има каква било врска со царскиот престол и царствувањето…Се разбира дека знам и чувствувам колку сум стар. Нема потреба ти да ми го докажуваш тоа. Впрочем, ти добро знаеш дека јас многупати сум потенцирал дека на младите светот односно нашата царштина ќе им остане, макар по смрт на последниот стар…Ти ја разбирам амбицијата, јас велам дека ти меѓу младите си најсоодветен за нов цар, но не е коректно, ако сакаш не е ни човечки односно животински староста да ми ја мешаш со снагата и заслугата да сум цар. Поготово со царската мудрост и авторитетност.
Младиот лав се надоврзал непоколебливо:
-Зарем си заборавил дека лавот е цар на сите животни не според мудроста и искуството, туку според силата? Белки знаеш за лавовска работа и лавовска решителност. Белки знаеш дека и едната и другата како лавовски најмногу се поврзани со силата, снагата и следствено младоста. А што се однесува на твојата лавица…Прашај си ја сам дали е задоволна од тебе како лав и цар. Судејќи според нејзиното однесување во последно време, сè ми се чини дека скоро ќе те остави сам, со своите лавчиња ќе отиде кај друг лав, сè уште активен на сите планови…
Лавот се замислил намрштен некое време. И чул дека младиот лав станал нестрплив да стане цар, тој на најдемократски начин да му ја симне царската круна од главата и да ја стави на својата, односно да му ја преземе царштината. Згора на сè, лавиците се залетувале кон него и станувале многу расположени во негово интимно друштво. Не го криеле своето задоволство по заедничките интмини моменти, а некои под нив просто се вљубиле во него и радо му се предавале со цело тело и цела душа.
Стариот лав молчешкум слегол од царскиот престол и без поздрав, без оддавање какви било царски почести се оддалечил од своите непосредни послушници, слуги и лавовското стадо. Воопшто не се свртел да види што остава зад себе. Ниту по рикањето на неколку млади лавови и млади лавици. Што има да се врти кога знае?
Во последно време во животинскиот свет навлегла демократијата. Просто само од себе се наметнало првото нејзино правило-да избираш и да бидеш избран. Па следствено, младите лавови и младите лавици зазеле принципиелен демократски став дека изборот на нов цар на животните мора да се из врши на слободни царски избори. Поготово што благодарение на демократијата се формирале големи и мали животински партии и почнала да заживува партократијата.
Што се случило во меѓувреме и што се случува во ова време? Ништо посебно, ништо непознато, ништо изненадувачко. Впрочем, како што веќе стана практика при какви било слободни демократски избори во слободниот животионски и човечки свет.
Имено, во меѓувреме и сè уште, во ова време, од преголема вмешаност на странскиот фактор и неговата решавачка улога во слободното гласање, што најмногу се изразува со местенки при броење на гласовите, мандатот на избраните млади лавови за цареви на ситер животни траел многу кусо. Само понекој месец, прекусила година. Ко што вели народот, стаувале и се цареви само за една употреба. Следствено и логично, во царштината завладеала владеачка и секаква друга нестабилност, со голема опасност царштината скоро да се распадне.
Во меѓувреме, пред некое време стариот лав, кој под силен притисок и просто речено принуда морал да се симне од царскиот престол, тивко и самотно починал. Поради старост? Не. Просто пресвиснал од тага оти откако го напуштил лавовското стадо наеднаш, прекуноќ што се вели никому не му бил потребен. Станал неснослив товар во смисла на грижа за неговото здравје и неговото латентно снеможување.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 60