Кренав дувар околу тебе

Традиционален камен дувар во македонско село како симбол на јазична и внатрешна заштита

Јазикот како засолниште, не како украс

За да бидеш што понароден, сеедно, а најдобро човек – мора да употребуваш што е можно повеќе народни зборови и изрази. Не заради фолклор, не заради украс, туку заради корен. Може и од други јазици, секако, ама пред сѐ од сопствениот народ. Нема врска дали од целиот или од дел од него – мислам на дијалектите. Јазикот не е рамна плоча, туку терен со нерамнини. Ако веќе земаш од други, бирај ги оние поблиските по значење и по звук, општоприфатените, интернационализираните. Збор што не одѕвонува, не останува.

Постојаното богатење на својот народен говор, ко што ти збори народецот, најлесно и најбрзо оди со секојдневно читање на народни умотворби. Особено приказни и народни песни. Денес тие се подостапни од кога било – и во печатени збирки, и во дигитални архиви, и во аудио-записи. На пример, во дигиталниот фонд на „народни умотворби“ на Институтот за македонска литература, или во збирките на Македонската академија на науките и уметностите, каде јазикот е сочуван без козметика, таков каков што бил кажуван и пеан. А песните, ако знаеш како им оди пејанието, можеш и да ги пееш. Јазикот е жив само кога се изговара.

Прочитај и за ... >>  СРАМОТ

Зборовите што не брзаат, ама стигнуваат

А прави ко што правам јас одвреме-навреме. Си стокмувам некоја порака до некои, до едикојси. Не за објава, не за ефект. Само за да ми олесни на душа и на срце. Во тие пораки јазикот сам си го наоѓа патот. Не се брза. Се реди.

Во приказните и песните можеш да ги сретнеш, меѓу многуте други, и овие зборови што денес ретко се слушаат, а сѐ уште знаат да погодат точно:

Баеги – доста.
Светрум – брзо, наеднаш.
Чабук – брзо, ама со намера.
Дувар – ѕид, ама и граница.
Акибет – сепак, најсетне, исход.
Стреш – внимание, будност.
Навиле – залудно, напразно.
Кабаетлија – крив, виновен.
Илје и милје – без број.
Покосница – морница што те фаќа однатре.

Овие зборови не се архаизми за музеј. Тие се алатки за кажување нешта што современиот јазик често ги разводнува.

Моја народска порака

Кренав дувар околу тебе оти светрум и со стреш ми се покажа пред очи ептен кабаетлија за ова на што сум и со што сум. Баеги ме умори, дури покосници ме навалија илје и милје. Подумав оти навиле ќе бидат и повеќе од еден, ама акибет ми дојде на ред. Чабук ќе ми се кажат и покажат друзите за дувари.

Прочитај и за ... >>  Зборови за разбирачка

И тука дуварот не е ѕид за одделување, туку нужност. Не за да се затворам, туку за да знам до каде сум јас.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.