За време на 700 дена лет кон Марс и враќање кон Земјата, космонаутите ќе јадат салата и друг зеленчук кој сами ќе го одгледуваат во леи во вселенскиот брод. За толку долг лет не се доволни само исушени јадења и други производи, на кои космонаутите при приготвувањето им додаваат само топла вода или ги подгреваат да се доведат во нормална состојба.
Космонаутите јадат и конзервирана храна, месо, риба, а исто така пијат и сокови и вода. Во залихите како резерва секогаш има и чоколадо, а алкохол се пие многу ретко, и тоа во мали количини.
Сепак, на космонаутите им е потребно и овошје и зеленчук. Токму поради тоа на досегашните вселенски бродови се експериментираше со одгледување на зеленчук, а исто така имаше обиди да се дознае дали во вселената би можеле да се чуваат риби, птици и кокошки.
Се вршени и се вршат многу експерименти за да се утврди кои видови на салата и зелка што брзо растат би можеле да се одгледуваат, а притоа да не бидат озрачени. Досегашните покажаа дека пилиња и разни други птици не можат да се адаптираат на бестежинската состојба, па затоа отпадна идејата космонаутите, меѓу другото, да се хранат и со свежи јајца. Што се однесува на рибите, ситуацијата е нешто подобра. Рибите во вселената дури се размножуваат и даваат потомство. Сепак, се покажало дека и рибите растат многу побавно.
Космонаутот и воен лекар Валериј Полјаков тврди дека експериментите со одгледување на животни во вселената почнаале уште кон крајот на 60-тите години од минатиот век. Се експериментирало со јапонски препелици кои на земјата брзо добиваат на тежина и несат многу јајца.
Сепак, во вселенските бродови најдобро растат растенијата. Во последните 10 години космонаутите таму успеале да направат своја оранжерија. Експертот на Институтот за вселенски истражувања, Јуриј Зајцев, тврди дека космонаутите на Меѓународната вселенска станица во својата градина одгледуваат веќе четврто поколение на боранија. За да се обезбеди зеленчук за само еден космонаут градината треба да биде со површина од 15 до 20 квадратни метри. Но, во вселенскиот брод за Марс може да се смета максимално на најмалку 2 полици на кои би биле направени леи со салата, магдонос и друг зеленчук. Поради тоа треба да се направи оптимален избор на зеленчукот кој може брзо да расте. Космонаутите веќе засадиле леи со мирудии, магдонос, зелена салата и кинески и јапонски сорти на зелка за салата.
За време на летот кон Марс сигурно ќе бидат одгледувани 5 до 6 вида на зелена салата. Не само што се вкусни и корисни, салатите додека растат, сметаат стручњаците, предизвикуваат позитивни емоции кај космонаутите. Констатирано е дека кога разговараат со центарот од Земјата, космонаутите долго раскажуваат како расте пченицата и салатата.
,,Сегашните експерименти што се спроведуваат на Меѓународната вселенска станица мора да одговорат на прашањето дали се менува генотипот на растенијата во услови на подолг вселенски лет. Ништо помалку значајно прашање не е ниту тоа дали промените кај растенијата можат негативно да се одразат на здравјето на вселенските патници, доколку тие се хранат со нив. Интересно е исто така дали растенијата во вселената ќе се претворат во „џуџиња“ или во џинови. Досегашните експерименти покажаа дека четирите генерации на растенија што растат во „вселенските леи“ не претрпеа никакви промени на генотипови“-истакнува Јуриј Зајцев.
Едно од прашањата што треба исто така да биде решено пред патувањето на Марс е колкаво количество вода е потребно да се понесе. Медицинарите велат дека мора да се смета на тоа дека на секој космонаут дневно му се потребни околу 2,5 литри течности. Благодарение на системот на регенерација, количество течност, како што се потта и урината, по прочистувањето одново може да се користи.
Од досегашните медицински истражувања во Русија се дошло до сознанието дека човекот во вселената може да остане релативно долго. Да се потсетиме дека космонаутот Валериј Полјаков остана на станицата „Мир“ дури 438 дена.
До патот на Марс мора да се реши уште еден проблем: што да се направи со вселенскиот отпад. Досега на Меѓународната вселенска станица непотребните работи и конзервите космонаутите ги ставаа во товарен брод. Подоцна тој смет беше фрлан во океанот. Со Марс ситуацијата е друга, бидејќи таму не смее да се остава никаков отпад. Научниците се плашат дека од тоа вселенско ѓубре на таа планета може да почне да се развива живот од бактериите, имајќи предвид дека на планетата Марс постои вода. Интензивното размножување на организмите од Земјата може да го наруши природниот пат на развој на Марс. Можеби, навистина, по неколку милиони години, идните „марсовци“ ќе си го поставуваат прашањето од каде животот на нивната планета.