XI
Гласномисленикот Дамјан од Истин има свои мислења и ставови за колумната, приличнио различни од на други. Кои и ги изделува неговите од колумните на другите колумнисти во „првите редови“.
Според него, не е толку важно дали е таа повеќе новинарски или книжевен жанр, притоа мислејќи поготово на хрониката и есејот, колку што е важно дали и колку е дел од конкретноста на сложената стварност. Токму поради таа нејзина сложеност. Може да е и да биде повеќе или помалку, но тогаш мора постојано да биде во „врска“ со минатото. Најпрвин како искуство и осознаена општост. Што пак, од друга страна, претпоставува темелно знаење за проблематиката и споредливост. Стварноста е сама по себе сложена во својата конкретност, па секое одделно прашање или проблем бара внимателен одбир на факти и аргументи, позитивности и негативности, квалитети и квантитети; за заклучокот да биде релевантен, непореклив.
Дамјан од Истин колумната во многу мала мера ја смета за „блиска“ на хрониката, а многу повеќе ѝ придава значење како на есеистички текст со кој се „есеизира стварноста“. Во тој контекст и слободата на мислата и слободата на заклучувањето и слободното изразување. Поважно е промислувањето како процес, одошто заклучокот односно ставот. Следствено, таа не е за предизвикување реакција, каква било, поготово расправа или полемика. Очекувани се само внимание, согласување или несогласување.
Што е со актуелноста? Таа прво треба да се дефинира во корелација со стварноста, а потоа да се мери и валоризира.
Гласномисленикот ѝ напиша на една негова почитувачка:
„Не ми значи колку се читани моите колумни, ниту согласноста со изнесеното во нив. Ми значи само со нив да бидам среде стварноста. Без оглед каква е таа моментно“.
Суровата стварност
„Но кога ќе се соочат со суровата стварност….“
Кој најчесто се соочува со неа? Не треба многу погодување: политичарите и од позицијата и од опозицијата, а најмногу неуспешните во власта.
Всушност, тие не ја сакаат, одбегнуваат да се соочат со неа.
Меѓутоа, во „даден“ момент мораат или сами или некој друг да ги соочи. Бидејќи во држава во хаос, во која никој ништо не мора, па и кога може, а особено затоа што не сака, соочувањето со суровата стварност не оди така лесно и брзо.„Дадениот“ момент се одлага додека се може, што значи бескрајно долго.
Точно, секогаш постои свест за суровата стварност која, пак, е сурова затоа што најчесто е спротивна на „не-стварноста“ или на создадената, попрецизно речено виртуелната стварност (но не создадена или создавана од програмери).
Се лаже секој оној што мисли дека политичарите, се разбира и други, но тие најмногу не ја знаат или не се свесни за стварноста што е таква каква што е, а пред се благодарение на нив. Напротив, одбегнувањето да се соочат со неа е всушност бегање од сопствената вина. Тоа, пак, значи дека суровата стварност е негативна, непријатна, болна, груба, но и постојна, реална, објективна. Па, да, пред се и над се сурова. Одбегнувањето да се соочат со неа е всушност бегање од сопствената одговорност. Бидејќи тие ја создале или ја создаваат токму обидувајќи се да ја „разубават“.
Суровата стварност им претставува се поголем проблем на политичарите (не и на стручњаците) и од позицијата и од опозицијата, а најпрвин на оние во власта. Не можат (уште долго) да им помогнат ниту статистичките податоци со кои создаваат „посакувана“ стварност, ниту нивните наивни објасненија дека „не е се така црно како што се прикажува од оние што не сакаат да видат ништо бело“.
Во врска со суровата стварност да го подобјасниме нејзиниот можеби најсуров дел: бедата, сиромаштијата наспроти…
Не ретко слушаме, читаме и гледаме: каква сиромаштија кога луѓево возат вакви лукзусни автомобили, живеат во големи и модерни куќи, во два-три стана едновремено, се облекуваат по последна мода… А кај нема сиромашни, бедни луѓе? Ги има и во најбогатите земји.
Кога е збор за нашата сурова стварност, состојбите треба да се третираат малку поинаку (и тоа е тоа одбегнување од соочување): во однос на раслојувањето и неможноста да се оформи тн. средна класа, во однос на „елементите“ на стандардот со кои од страна (странство) ни ја мерат сиромаштијата и ни ја измериле како една од најголемите на светот (процент на сиромашни луѓе наспроти оние со минимален и просечен животен стандард), во однос на бројот на невработените (процентот од вкупното население) и, особено, во однос на квалитетот на животот.
Очигледно, оние што одбегнуваат да се соочат со суровата стварност, па ни нудат, поточно се обидуваат да ни „продадат“ своја, или не знаат или не сакаат да научат од што се е составен квалитетот на денешниот современ-модерен живот. Не вреди никаков обид да им се помогне да научат. Зашто се прават или се недоветни.