XXXVI Aполитичен
Гласномисленикот Дамјан Истиноски за себе вели дека е аполитичен, без оглед што смета дека има солидни познавања од политикологијата и ги следи политиките и политичките движења во светот; се разбира, во тие „рамки“ и политичките собитија во земјата. Аполитичен е не затоа што никогаш не бил член и не членува во политичка партија, никогаш не прифатил и не прифаќа каков-годе политички ангажман, туку просто нема некој особен интерес за политиката, поготово не дневната.
Реагира подналутено:
-Животот е политика?! Како да не! Глупост! Политиката е живот?! Ма нема врска! Па уште политиката како практика била уметност на невозможното. Не бре! Само борба за власт. Ништо друго!…Знаеш што? Политиката е живот само за оној што живее како политикант. Па ни тој и да сака не може цел живот да живе како таков.
Го провоцирам:
-Зошто ти како аполитичен не баш ретко пишуваш и поентираш за прашања и проблеми од секојдневната политика кај нас, а не си „имун“ ни на геополитички? Дури и во твои книжевни дела, во некои романи и раскази „тераш“ политика.
Како да го очекуваше тоа од мене:
-Јас сум аполитичен не зашто не ме интересира политиката, особено политикологијата и политичката филозофија, туку не си дозволувам моето секојдневје да го обојам политички. Уште помалку да постапувам пресметливо, итро, несуштински, со скришна или подзаскриена цел. Значи, како зоон политикон на Аристотел…Да, и тоа кај нас е протолкувано, дури се користи карикатурално…Да, човекот е политичко животно или нужно политичко битие, но во античката филозофија тоа е најпрвин човек како битие одредено со сопствената општественост, упатено на заедница и е дел од неа. Веројатно се трга од Платоновото сфаќање на поединецот како политичко битие. Меѓутоа, се пренебрегнуваат целисходноста и вродениот телос како лично усовршување и природна одреденост кон изградба на држава.
Му забележувам:
-Ми држиш предавање?
Тој:
-Не. Само онака…аргумент повеќе…Во врска со животот е политика и политиката е живот…Обете ниту ги признавам, ниту ги прифаќам. Најпрвин затоа што ги маргинализира, па и ги вулгаризира вредностите на животот и квалитетот на живеењето. А потоа затоа што политиката и кај нас и во светот е најмногу во рацете на политиканти.
Од мене како завршница на расправава:
-Целосната политизација и едновремениот пораз на аполитичноста ја уништува државата, па е нужна темелна деполитизација?
И од него:
-Да, притоа имајќи го предвид Аристотеловото поимање на логосот. Кој му дава способност на човекот, потпирајќи се на моќта на спознавањето и говорот да го разликува преведното од неправедното, доброто од лошото, односно да гради држава на среќа, радост, задоволство, мир и спокој, лично достоинство и личен и колективен идентитет.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Услов за деловен успех: транспарентност
Осцилациите на берзите-намалувањето на индексите, нивното „земање здив“ па продолжување надолу, како и паѓањето на цените на акциите најмногу, со право, дури единствено се поврзуваат со случувања на финансиските пазари во Европа. Постои нешто друго како услов за додржување пред ветришта на криза, па и успех-напредок во „невреме“, а кое македонските компании или воопшто не го третираат. Или им е познато, ама не им одговара да го применат поради лични, тесни, полит-олигархиски интереси: транспарентност. Која, пак, најдиректно се поврзува со корпоративното раководење со фирмите-компаниите што со децении мошне успешно се применува во развиениот западен свет. Кај нас одговорните (менаџерите) малку, повеќето од нив вооппто не ја познаваат ниту неговата суштина.
Експерите за берзанско работење секогаш најпрвин ја истакнуваат меѓузависноста на светските пазари на капитал, инвестициската јавност и механизмите на промоција. Со тие релации се поврзува отпорот на менаџерите спрема нови акционери во нивните компании. Треба да се потенцира дека во развиените земји самите компании редовно објавуваат податоци за своето работење, добивката, капиталот. Пред сè затоа што вредноста на компаниите претставува ниво на корпоративна свест.
Транспарентноста во бизнисот воопшто овозможува реална проценка на ризиците и бенефитите од инвестирањето, атрактивност на инвестициите, како и привлекување домашни и странски инвеститори.
Некои основни назнаки за транспарентноста и корпоративното управување:
Тие се поврзани со одговорното работење, привлекувањето на инвеститори и јакнењето на пазарната позиција. Имено, корпоративното управување се заснова на одговорност на менаџментот во работењето, известување на сите акционери и нивно вклучување во донесувањето важни деловни одлуки. Суштината е во остварување на механизми кои ќе обезбедат менаџментот да работи во корист на претпријатието, сопственикот-сопствениците, вработените, државата. Станува збор за „систем на искуства и домашно воспитување“ кој претставува алфа и омега на опстојувањето. Стручњаците потенцираат дека важноста на корпоративното управување е најпрвин во тоа што на вработените им се обезбедуваат работно место и иднина, ги привлекува инвеститорите, на локално и државно ниво успешните фирми плаќаат даноци, а земјата се развива преку додатна вредност која се создава во нив. Корпоративното управување не се однесува само на акционерските друштва и компаниите на берзите, туку на сите фирми подеднакво. Тоа станува решавачки фактор на развојот на пазарот на капитал, но и фактор кој во најголема мера одредува дали инвеститорите ќе вложат во некое претпријатие или не.
За да привлече капитал, менаџментот во претпријатието мора да биде убедлив. Особено во донесувањето одлуки за тоа какви се перспективите на претпријатието, како ќе се однесуваат спрема акционерите и какви последици може да се очекуваат од пазарот. Одамна е согледано дека менаџментот на повеќе домашни претпријатија- компании обрнува недоволно внимание на правата на акционерите. Најголемиот број од нив не работат транспарентно, во нив не се развиени интерните контроли. Сето тоа се одразува на нивната и онака слаба конкурентност.
Културата на корпоративното управување мора да биде создадена и да се потпира на повеќе столбови: на развиено законодавство, развиени национални регулатори, добро поставени саморегулирачки институции на финансиските пазари; на компании кои имаат едуцирани и одговорни директори и менаџери, на здруженија на компаниите, но и на академската и експертската јавност.
2. Без тактика и стратегија никако
Не е потребно објаснување на разликата помеѓу тактика и стратегија. Доволно е да се има предвид разликата во нивната временска димензија, како и тоа дека и за едната и за другата се потребни визија, знаење, стручност, искуство, способност. Едноставно, едната без другата не оди. Се разбира, тактиката произлегува од стратегијата, а не обратно. Обратното не значи ништо друго, освен конечен пораз на „тактизирањето“, односно импровизацијата, волунтаризмот, незнаењето, неспособноста, а над сè неодговорноста.
Ја имам предвид енергетската стратегија до 2030-та година на Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали– ИЦЕИМ при МАНУ, во која се прецизирани целокупните потреби за енергија во земјава и нивното задоволување. Стратегијата содржи акционен план со конкретни насоки (тоа поинаку се нарекува тактика-заб.м.), бидејќи енергетиката е клучна за понатамошниот развој на земјата.
Тедмелна определба на енергетска стратегија во секоја земја, која обезбедува развојна перспектива, е изградба на енергетски капацитети и создавање услови за нова енергија и нови енергетски ресурси. Со право се истакнува дека прв и основен елемент на секоја енергетска стратегија мора да биде изградба на нови капацитети со кои ќе се зголеми производството од домашни извори, вклучувајќи и државни капитални инвестиции. Во тој контекст е и искористувањето на обновливите видови енергија,
Состојба:
Во вкупната светска енергетска потреба природниот гас учествува со 21%, во земјите на ЕУ-24%, а во Македонија со 2%. И во следните години и децении фосилните горива, пред сè нафтата, ќе бидат основен извор на енергија за светските и македонските потреби. Неспорно е дека малите хидроцентрали, енергијата на ветрот, сончевата енергија, плимата и осеката обезбедуваат 6% до 10 % од вкупните потреби.
3. 100-те дена на македонската Влада
Што значат први 100 дена владеење со држава? Или: што може да се направи за само 100 дена кога со години не само што не се правело којзнае што, туку и се настојувало од направеното во претходното владеење што повеќе да се расипе?
Се наметнуваат и други прашања:
Кога би можеле да се направат чуда за 100 дена власт, тогаш зошто 4-годишен мандат? Зошто не би биле доволни, на пример, 3 пати по 100 дена (до „трета мајка“)? Не за друго, туку поради заштита од народот. За да не се шашардиса од фантастичните успеси?
Велат, тоа е некоја „западна“ традиција (како дел од западната демократија): со отчет по 100-те дена се „обезбедува“ пред сè одговорност, а потоа ефикасно владеење, сериозност, способност, стручност, подготвеност за „саможртва“. „Првите 100 дена“ значи и дека ќе следат втори, трети…Со други зборови, на секои 100 дена Владата би му давала отчет на народот, а тој не би очекувал никакви чуда, „огромни успеси“, туку токму она што го „обезбедува“ демократското владеење. Засега кај нас „симболиката“ на 100- те дена владеење со државата се користи за фалење и сопствен маркетинг, а опозицијата за критикување и негирање на сè. Тоа, меѓу другото, значи дека на Владата не треба да ѝ се даде уште една шанса-нови 100 дена, туку да се смени веднаш.
Отчетноста најнапред претпоставува стручна и детална анализа на неспорно постигнатото, компетентна оценка и проценка на неуспесите и последиците од нив. Сето тоа задолжително проследено со сопствена визија, програма, решенија за „многу подобро“, надминување и брзо решавање на проблемите.
4. Со политичари за живот, а не за живуркање
Им верувате ли на предизборните ветувања на политичарите? Излишно прашање? Ги отфрлате како „приказни за големи деца“? Па ако не им верувате, за што гласате? И гласате за личности, а не за партии?!
Се знае дека не се може без ветувања. Знаат сите, а особено политичките партии и нивните кандидати за пратеници. Шарени лажги или не, ама едноставно без нив не може да се замисли каква-годе изборна програма.
Има нешто што според мене би требало да биде најважно при одлуката дали воопшто да се гласа или да се апстинира од гласање на избори (да не се излезе или да се „направи“ гласачкото ливче неважечко); токму ветувањето „како такво“.
Мнозина ја заборавиле или воопшто не ја знаат суштинската вредност на ветувањето: неговата „реална основа“, која се состои од постојна-појдовна состојба или достасано ниво (на развој), проценка на можностите (силите, расположливите ресурси и сл.), како и целта што се сака да се постигне односно се ветува. Притоа, „реалната основа“ всушност значи отчет на досега постигнатото, но не што се постигнало, туку зошто не е остварено претходно ветеното. Затоа што досега постигнатото и самите го гледаме, го согледуваме и можеме да го процениме-оцениме, а не да ни го повторуваат како папагали. Натаму: понуда на проценка на можностите, која инаку се вика експертска анализа. И конечно, колку ветувањата се дел од приоритетна цел?
Мене лично воопшто не ми пречат предизборните ветувањата. Нив ги сметам како составен дел на полит-бизнис олигархискиот амбиент. Многу повеќе ме смеат со својата не толкава глупост и инфантилност, колку со небулозноста и неинвентивноста. Па меѓу нашиве политичари се трудам да ги препознаам оние што ми ветуваат живот, а не живуркање.
Да бидам конкретен-ќе се задржам на две „реални“, а всушност небулозни ветувања.
Првото: „драстично“ зголемување на пензиите.
Доколку пензионерите барем малку инсистираат на „реалноста“ на тоа ветување, таквото ветување ќе беше „гарнирано“ со уште многу други нешта без кои тоа не вреди ни пет пари: дали ќе се подобри грижата за старите луѓе, колку домови за стари и изнемоштени лица ќе бидат изградени, каква демографска политика ќе се спроведува (за да се подзапре енормното, опасното стареење на народот), дали поголемите пензии ќе бидат „заработени“ од оние што работат за нивните пензии, што со натамошниот развој на двостолбниот пензиски систем итн.
Второто: милиони евра кредити за малите и средните претпријатија.
Привлечно „реално“ ветување? Доколку бидеме малку „незгодни“, би можеле да поставиме многу прашања кои ваквото ветување го „релативизираат“, па дури го прават небулозно. На пример: дали е тоа дел од поволен бизнис амбиент и дали тој се создава на ваков начин; ќе бидат ли тие кредити користени наменски и на кој начин; дали со нив се предвидува „технолошки вишок“ во вистинската смисла-со модернизација, осовременување-компјутеризација-дигитализација на производството и сл.?
Можам да приведам уште многу ветувања кои не само што се небулозни, туку се и ступидни.
Уште еднаш:
Мене лично ме интересираат и ќе им верувам само на оние ветувања кои конкретно и реално во наредниот период ќе ја подобрат нашата живеачка, а не да го „унапредат“ нашево живуркање.
5. Продажба-консумирање на дрога-највносен бизнис во светска економска рецесија
Секоја економска рецесија неминовно предизвикува глобални, епидемиски размери на лична-индивидуална и колективна-сеопшта депресија. Неа најнапред ја зафаќа високата бизнис класа, а потоа интензивно се шири и во средната. Најотпорна е ниската класа, од едноставна причина дека рецесијата најмалку ја погодува неа. За жал, лечењето не е и не може да биде колективно, туку единствено индивидуално. Чиј ефект, пак, кога е во прашање епидемија е речиси никаков.
Па сепак, „снаодливата“ висока-бизнис класа не би била тоа (висока) доколку „во од“ не се престрои и не искористи за спас сè што може, сè од што има шанси да се профитира. Без оглед кој ќе ја плати сметката. Во светска економска рецесија токму „помошта“ во „спасувањето“ од депресија станува најпрофитабилно. Ова особено кога станува збор за младата и средната генерација. Продажбата-консумирањето на дрога од ден на ден добива сè поголеми глобални размери, па бизнисот цути со „несмалено темпо“.
Најнапред за разбирање на оние што се можеби малку или „малку повеќе“ изненадени од воведните реченици на оваа колумна (поврзаноста на глобалната економска рецесија, депресијата и криумчарењето, продажбата и консумирањето дрога), некои од основните сознанија за депресијата како болест:
Таа предизвикува длабоки патења. Повеќето стручњаци се согласуваат дека е тоа за човекот најболно животно искуство со кое може да се соочи. Стресните настани, како смрт во семејството или финансиски проблеми, можат да бидат повод за депресија. На неа треба да се посомневаме кога лицето константно се чувствува нажалено секој ден во период од две недели или подолго, како и кога повеќе ништо не може да го развесели.
Депресивно болните се лошо расположени, тажни, безволни и засилено уморни. Депресијата исто така се манифестира со рамнодушност, безидејност, апатија, губење на животната радост (ахедонија). Во некои случаи со засилена напнатост, немир и раздразливост. Исто така, таа може да ги попречи основните телесни функции, па да се манифестира со пореметување на сонот, намалување или засилување на апетитот, тромост, немир, слабост, исцрпеност, губење на концентрација и заборавност.
Депресивното расположение го оневозможува болниот во вршењето нормални и секојдневни животни активности. Луѓето заболени од депресија можат да чувствуваат претеран срам или вина и можат опширно да се занимаваат со мислата за смртта и умирањето, вклучувајќи ги и идеите за самоубиство.
Добро е да се знае и следново:
Депресијата не е чувство на минливо расположение, туку болест која значително го нарушува секојдневниот живот. Таа не е знак на морална слабост, туку последица на нарушена рамнотежа на хемиските материи во мозокот; при што важна улога игра наследството, стресот, начинот на живот (помислете на дејството на дрогата, конкретно на кокаинот како анестетик и за отстранување на депресија).
Сега некои конкретни „последици“ од рецесијата во втората деценија на 21-от век (ги изоставувам датумите на нивното „случување“ како неважни во контекстов):
Израелската полиција прекинала синџир на криумчарење на дрога во три различни држави, при што е запленет кокаин вреден 500 милиони долари(!). Потврдено е дека дрогата е запленета на Бахамите, во Шпанија и Перу. Се додава дека дрогата била скриена во индустриски постројки и е превезувана со товарни бродови.
Можете ли да замислите колку се тоа тони кокаин за толку милиони долари? И уште прашањето што секогаш се наметнува кога ќе се случи поголемо откривање-запленување дрога: колку ли биле прокриумчарени „во меѓувреме“?
Мексиканската полиција и царинската служба заплениле повеќе од 11 тони кокаин во пристаниште на пацифичкиот брег. Дрогата е пронајдена на палуба на товарен брод кој под знамето на Хонг Конг допловил од Колумбија во пристаништето Манцаниљо, во државата Колима.
Во водите недалеку од средноамериканскиот брег американските власти пресретнале уште една подморница специјално направена за шверц на кокаин на територијата на САД; притоа, запленувајќи дрога вредна околу 440 милиони долари. Властите на САД соопштија дека необичната сина подморница американски патролни авиони ја забележале и набрзо потоа ја пресретнале на околу 500 километри југоисточно од границата меѓу Мексико и Гватемала.
Јужноамериканските нарко-картели сè почесто користат мини подморници за шверц на дрога на територијата на САД.
Колумбиските картели со бродови шверцуваат кокаин од западниот брег на Африка, каде што ги преземаат африкански банди кои ги ангажираат куририте „мули“. Тие, пак, за надомест голтаат по килограм кокаин и потоа со авион го превезуваат до Турција.
Холандското пристаниште Ротердам е главна дистрибутивна дестинација во која кокаинот пристигнува во Европа.
Поради слабата контрола, Турција е центар на криумчарскиот синџир на кокаинот. Патот на дрогата оттаму продолжува со бродови до хрватските пристаништа Риека, Сплит или италијанското Џои ди Тауро, а оттаму до крајните дестинации, нарко-пазарите на побогатиот дел на Европа.
Одамна е докажано дека сите земји на западниот Балкан се соочуваат со значајно ниво на организиран криминал, од што шверцот на дрога е најзначајно. Организираниот криминал е поддржан и со корупција која е мошне распространета. Посебна тешкотија претставува тоа што борбата против нарко-криминалот мошне често ја условуваат внатрешни политички, општествени и економски тешкотии.
Во борбата против криумчарењето дрога мошне значајни се „утврдените“, постојаните маршрути кои мафијата ги менува само кога во континуитет се случуваат поголеми заплени. Кога станува збор за кокаинот, една од „најразбработените“ минува низ Македонија. „Водечки“ е албанскиот организиран криминал.
Црна Гора служи како транзит за шверц на кокаин од Јужна Америка, а организирани криминални групи ја користат нејзината територија за шверц на канабис од Албанија и Косово. Црногорските пристаништа ги користи албанскaта мафија за шверц на кокаин во европските земји.
Аналитичарите што се занимаваат со оваа проблематика велат дека дрогата најмногу се криумчари со бродови, а речиси да нема морнар кој не наишол на дрога, било на брод или во пристаниште. Тоа посебно се однесува на јужноамериканските држави, западна Африка и Kарибите. Статистиките покажуваат дека речиси секој 10-ти патник од Јамајка криумчари дрога.
Секој брод е мал пловечки град со низа скришни места за секакви „жешки“ товари. Во прилог на тоа дека дрогата се шверцува со бродови е и фактот дека поморскиот промет е потешко да се контролира, а од 100.000 бродови на светот добар дел пловат под знамиња под кои се вршат многу незаконски работи. Стручњаците сметаат дека најприспособени бродови за шверц на разни видови дрога се оние што пловат под знамиња на африкански земји.
Поента:
Криумчарењето дрога (кокаинот според Фројд е најдобар лек за депресија-го нарекувал „магичен лек“) е прва и најопасна фаза во која „големите“ бизнисмени директно не се „мешаат“. Нивниот „фах“ е продажба-консумирање како „помош“ на населението во лечење депресија поради рецесија.