Книга што не е

Потребно време за читање: 2 минути

Многу одамна во една антикварница пронајдов книга што не е книга. И тоа во еден единствен примерок. Антикварот не сакаше да ја продаде. Упорен беше дека тоа не доаѓа предвид, а дозволува само да се земе в раце, да се отвори, да се прелиста и да се прочита некоја страница.

Успеав да го измолам да ми ја продаде за сите пари што ги имав, за целата пензија што ми е за старечко живуркање. Како го истерав месецот без пари?  Како било и со какво-такво здравје. Важно стана моја и ене ја на посебно, видно место во мојата домашна библиотека. Во посебна витрина, заедно со уште неколку исто така купени во антикварница, ретки и вредни.      

Каква е книгата што не е книга? Се разбира, станува збор за книга, со кожни корици и хартиени страници. Инаку, зошто би ја купил за во мојата домашна библиотека,

Еве зошто не е:

Ниту на корицата, ниту на првата страница не стои името и презимето или само прекарот на тој што ја напишал. Не стои ни вообичаеното „Анонимус“ за непознат автор. Тоа намерно? Јас мислам да, но до ден-денес не знам зошто.

Книгата што не е книга е испишана и како поезија и како проза. Значи, во стихови и строфи и во прозни пасуси.

Најважно од сè е тоа што таа е просто невозможно да се прочита. Барем за мене сè уште. Најпрвин затоа што не буквите, а слоговите прават зборови и извици. Не мал проблем прави и изостанувањето на интерпункциски знаци.

За содржината не ни сакам да зборувам. Ја нема, не постои, а ја има, постои. Со други зборови: алогичноста просто се наметнува како логичност; само се спомнуваат игри и луѓе, главни и споредни, без да се именуваат; нешто како да се случува, а всушност или не се случува ништо или, пак, се случува сè и сешто, онака, по ред и без никаков ред; па некои блескоти и одблесоци од нешто и ништо; нечии смислени и бесмислени движења, стоења во место и враќања назад; радости и смеа едновремени со жалости и плач; куси описи на природи со крици; сцени со подвижни и неподвижни кулиси кои имаат и немаат симболичко или какво било друго значење. Цртежи, илустрации? Само мали како вињетки и големи, на цели страници пајакови мрежи, како и неколку страници со избледнати фотографии на деца, возрасни и стари без лица. Има и на диви и спитомени животни, земни и водни, што ми се познати и непознати, на влечуги, на разни птици и бубалки. Сите ни на небо ни на земја, ни над небо ни под земја.

Јас лично сум задоволен дека во книгата што не е книга досега успеав на секоја нејзина страница да откријам, всушност од слоговите, зборовите, извиците, неименуваните игри и луѓе, блескотите и одблесоците, движењата, стоењата во место и враѓањата назад, радостите и смеата, жалостите и плачот, природите со крици, сцените со кулиси, пајаковите мрежи и избледнатите фотографии да составам два збора со значење: „живот“ и „време“.     

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 82