Каменит предел

Препев на пев и повев

Во левиот агол на сонот
безгласен
некој составил предел
каменит,
та го оставил во време
во кое секакви камења
се струполувале кога
тој ќе исчезнел
зад неосвоиви врвови.

И оддалеку и одблизу
најмногу личи на човек
кој некогаш загинал
бескрвен,
во последна битка
за опстанок на свет
на јава.

И оддалеку и одблизу
тој е човек
кој длабоко во себе
крие, поточно чува
љубов неизмерна,
со неугасливо срце
и песна неиспеана,
запеана, недопеана.

Намерниците, дојдени
да бидат дел од сонот
безгласен,
се чудат, не можат
да се изначудат
која ли сила
струполувала камења
од  неосвоиви врвови.

Не можеле да се соземат
од вџашеност,
не разбирајќи зошто
пределот каменит
речиси незабележливо
се движи
кон деснииот агол
на сонот безгласен.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 11

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.