Јас, мраморен и обичен

Потребно време за читање: 2 минути

Ги гледам често бистите и спомениците на видни дејци и заслужни творци, наредени на секои десет метри на левата страна на најголемата авенија во градот наречена Аорта. Таа тргнува од Плоштадот на слободата и во права линија кон исток завршува на трисет километри далечната раскружница. Бистите и спомениците не се наредени по целата должина, туку само до четири ипол километри. Тоа значи дека допрва ќе се поставуваат нови.

Ги гледам често и често се прашувам зошто има само на видни и заслужни дејци и творци. Зошто нема и на „обични“ луѓе? Особено ако се има предвид дека нема прецизни назнаки на „обичноста“, а особено кога не се прецизно дефинирани видноста и заслужноста. Да не ги спомнувам критериумите и меродавноста. Еве на пример јас, општопознат како Јас или Тој и Тој или Јас, мислител и книжевник. Сега откривам: речиси непознат како вајар кој мошне посветено создава вајарски дела од бел и црн мрамор. Сакам да речам дека не се сметам себеси за виден и заслужен мислител и книжевник. Се знае и дека не ме сметаат за таков, заслужено или незаслужено сеедно. А од друга страна, јас сум сосем непознат вајар. Значи, според вообичаената „обичност“ јас сум баш таков.

Често се прашувам без да пробам да си одговорам:

Зошто да не сум на Аортава со своја биста или споменик, меѓу видни дејци и заслужни творци?! И тоа со нагласка дека сум обичен човек? Направена или направен од бел или црн мрамор. Како потенцирање на мојата обичност, би можело на постаментот наместо мојата општопознатост да стои: „Ова е виден и заслужен обичен човек“. Се разбира, притоа не би имал ништо против ликот воопшто да не личи на мене. Напротив, нема никаква потреба тој да е стварен.

Признавам дека прашањево, всушност дилемава ми е некако детинеста и просто не е наместо. Просто не ми личи мене, човек во години и пред исчезнување… Но, признавам дека многу ми се допадна и…ме загрева!

Од пред некое време почнав и никако не ми успева да извајам во бел мрамор едно дело што го нареков „Јас, мраморен и обичен“. Токму поради немоќта да го завршам, да дојдам до неговата конечна обичност, сè уште не сум сигурен за „обичноста“. Конечна обичност? Некој не знае што е тоа?

Конечна обичност на едно дело е кога неговиот творец нема ни што да му додаде ни што да му одземе. Значи, тоа е тоа и не може да биде ништо друго.

Не, не, ниту помислувам, ниту замислувам „Јас, мраморен и обичен“, како конечна обичност да се најдам меѓу видните дејци и заслужните творци на авенијата Аорта. Близу или далеку од Плоштадот на слободата. Ниту како последен.              

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 44