Со Клеопатра Македонката

Потребно време за читање: 2 минути

Клеопатра ја догледав крај езерото како се соблекува и ја распуштува косата, пред да влезе во него гола за да се искапи во бистрата езерска вода. Придружувајќи им се на голите девојки кои скокаа и играа бранувајќи ја (самовили?). Гласно го изговорив нејзиното име. Да чуе само таа, не и девојките (самовилите?). Таа се сврте кон мене, сокриен зад корени на вековит даб. Ѝ излегов пред очи, веќе немаше зошто да се кријам и таа со бавен чекор, веќе гола дојде до мене. Седна до мене, се загледа во мене и со весела насмевка (вљубена?) ме праша милозвучно:

-Убава сум ти?

Ѝ одговорив:

-Прекрасна си. Во мојот досегашен и сегашен живот, до моментумов на светов немам видено поубава од тебе.

Таа збунето:

-Најубава во твојот живот и на светов? Ама јас сум дамнешна. Одамна не сум сегашна.

Јас убеддливо:

-Си и дамнешна и сегашна и идна.

Таа загадочно:

-Се вљуби во мене? Да не си одамна досега, до моментумов?!

Јас уште поубедливо:

-Како тоа да не го знаеш тоа? Не откри при нашите досегашни бројни средби?!

Клеопатра:

-Не ти пречело и не ти пречи дека сум имала и имам многу љубови?

Јас непоколебливо:

-Не си имала и немаш ниедна друга освен мене! Тие за кои ми кажуваш не биле и не се твои љубови, туку ти служеле и ти служат само за задоволување на обична распламтена страст. Гол, обичен, рутинерски секс. Ништо друго! Знаеш и сама дека љубовта е нешто сосем друго.

Таа како да ми се спротивставува:

-Убавината и љубовта се различни нешта. Може да се истовремени, наспоредни, да се надополнуваат, да си одземаат понешто една од друга, но немаат ништо заедничко. Дури неретко се спротивставени. Дотолку повеќе што и во моето дамнешно минато и во нашево денес љубовта не е љубов, а личната убавина никогаш не била, ниту може да биде усогласена со надворешноста на жената, мажот, нивните природи…

Ја пресеков во зборот:

-Алудираш на временоста. И ти мислиш дека убавината е минлива, а љубовта се раѓа и гасне во срцата на сите живи суштества, посебно во срцата на луѓето?

Клеопатра молчеше, како во себе да бара одговор. По долго молчење:

-Љубовта и убавината се независни, самостојни и самородни…до исчезнување…Што чекаш? Соблечи се и придружи ни се, мене и на самовиливе во бистрава вода на езерово.

Се соблеков и заедно, голи, фатени за раце се фрливме во езерото. Игравме, танцувавме, пеевме љубовни песни, се смеевме. По некое време по малку уморни излеговме на брегот сите и јас и Клеопатра водевме љубов. Опкружени од самовилите.

Немам зборови со кои би ја опишал убавината на Клеопатра и нашата љубов на сон.

МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 11