26. Премалени раце
Веќе стана пуста желба
никогаш да не ни дојде
на ред
вистина со години в коски
за чисто небо,
ниту да се радуваме
сосе голите падини
низ кои слегувавме.
Скокавме од еден до друг
освоени врв
и покрај долгиот немерлив
замор на премалени раце,
сосе сенка на изгревно
сонце во нашите зеници
или само до нас легнато
за спокој и бдение.
Беше столетно дрво
до последниот врв
од нас искачен,
со црвена кора од крв
наша,
со црн лист последен
од дамнешна младост
искинат осамени.
Всушност, тоа беше
непознат цвет пронајден
случајно
по долго лизгање,
по долго тркалање,
по долго скокање,
по долго станување,
по долго паѓање,
по брзо чекорење
низ високи плевели;
прикажан во сите детали
на камен
од којзнае кој век.
Веќе стана пуста желба
да имаме
последна прва мугра
како жена и маж
во љубовен занес,
од сино око на миг
долг колку цел живот.
Или конечно
да го заборавиме
багремот со корен
и трње,
низ кои не може
туку така да се мине,
а барем со болка
оставена та заборавена
во некој агол на свет
од дребулии
и детски играчки
опстоен уште само
во слепи.
Нашите лица одамна
не си ги препознаваме
меѓусебно,
со избраздени образи
и стари набрчкани чела;
додека стоиме
пред градина за почин,
со неколку цветни меса
што ги пресадив за тебе
од мажи и жени
во растење.
Стоиме и чекаме некоја
нова непозната птица
што личи на орел,
од којзнае кој предел
преселница, прелетница
да ни донесе
бремени шуми
со долги и длабоки сенки
во клунот, во крилјата,
во канџите;
може фрлени стени
на кои има
непознати знаци
по крвава битка
со слободен воздух,
со отворени живи рани
и рамнодушност
облечена во износени,
парталосани облеки.
Надреалноста
ја продолжуваме
со стегната дланка
на една премалена рака,
а во левото уво обетка
со крст.
Одамна е јасно
дека никогаш нема
да ни дојде на ред
вистина во снагите
со години в коски,
сосе голите падини
низ кои слегувавме,
се лизгавме,
се тркалавме
по освоени врвови.