ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

25. Пречка за премолчен збор

Умор на прозорците
во куќава со одамна угаснато
домашно огниште,
малку подотворени,
малку испокршени
од силни ветришта
и по некој сончев зрак
во здивот,
и по некоја сенка во издивот.

Ко да решил да потоне
пуст остров,
без жива душа, а само камен
помеѓу две реки
одамна пресушени,
којзнае кога удавени
од непребол, од недозбор.

Небаре ќе го исече наполу,
па ќе го здроби отполу
песјакот
во окрвавената уста
на живот пред смрт,
на верба пред изневера,
на доблест
пред снеможеност;
за да престанат
да го покриваат.

Па откриваат бранови
на замолк,
на навреди, подлости,
на ништожења
кои ќе го остават сам
да стави точка
на својата дребност.

Leave the first comment