24. Обична безгранична врева
Не сакате да догледате,
непријатен спомен ви е
од војната со многу смрт;
дека моите четири прсти
во левава рака
имаат ред правен со секира.
Во оваа рамнодушност
една љубов се обидува
да ги собере
макар во својот спомен
и да ги верува постојни
како ѝ го милуваат телото
голо,
упатено кон поле
со росно цвеќе.
Моите четири прсти
во левава рака милуваат
изгубен воин,
сиот во живи рани
со последни здивови.
Таа да го дочека,
па да го заклучи
во својата нежност
со тежок катинар без клуч
што ќе го стега во градите
како нов збор в уста,
како глава на дете
без тело.
Вие, дами и господа,
така убаво се смеевте
додека ги читавте
моите четири прсти
во левава рака
како книга никогаш
напишана од сликар
на човечки судбини.
Се разбира дека никако
и никогаш не смее
да се заборави.
Вие, дами и господа,
сега бегате во празно око
од страв да не ве запрам,
а јас само сакам
да ве чувам од војната
со многу смрт.
Ноќе ги удирате телата
во вашите ѕидови
во надеж дека со нив
ќе ги урнете
во вашите соништа
кошмарни,
во надеж
дека ќе се разбудите
кога ќе се упатите
кон поле со росно цвеќе
само за да бидат ваши.
Моите четири прсти
во левава рака
милуваат изгубен воин;
таа да го дочека,
па да го заклучи
во својата нежност
со тежок катинар
без клуч.
Таа да го стега во градите
како нов збор в уста
и нов ден на изгрејсонце.