ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: 2 минути

21. Од моите вистини

Со којзнае колку денови и ноќи
без празнување
доаѓам и заминувам од овој миг
со тебе;
од којзнае која болка
во народ насобран
околу суво речно корито
постаро од неговиот опстој,
сосе гол и чекорен камен
до еден од извишените
како планина помеѓу нив.

Љубовта стои како обична шума,
како сите во поблиското
и подалечното минато
испосечени и опожарени
до корени;
надежна за други и по нас
и зад нас.

Убавината на секој нов ден
ни е толку блиска,
што не можеме
ниту да ја допреме,
а да не нè заболи
или модра од удари
на пресилни зборови
што ни во точка ни во запирка
немаат запир;
поради еднакви пристапи
во опстојот
внатре, помеѓу коските.

Да, во право си надежна
оти нè чека почиста
од море недоодено,
сè уште сето неистурено
на небо;
ама раката на стравот
не знае да молчи,
ами рика како ранета ѕверка
што ја догледува смртта,
па капнува без крв
пред замин.

Ги познавам сите тела
на важни настани
од нашето блиско
и дамнешно минато,
поголи од денот кој штотуку
ни мина
низ поројни дождови,
без стопени снегови;
ги познавам сите возбуди
затворени во зандани
на рамнодушна празнотија
со горчлива жед
и пустошна глад.

Ништо не е тоа кога
никаде ја нема,
не остана во наши траги
жената без едно око,
а другото сонце на залез.

Таа имаше време под градите
и уште нешто како семе,
како со мене, како за мене
да беше подготвена за род
и пород.

Таа имаше убав, нежен,
совршен пат на усните
што ѝ одеше длабоко в уста,
со славеј во срцето
како со мене, како за мене
да беше долетан за пој,
од незгасната желба
и тој со нас да седне
под старата врба
која одамна не личи на себе
околу сувото речно корито
сосе гол и чекорен камен.

Кога замина едно утро
со дебели подочници,
ниту водата на истек не знаеше
како да ме легне за одмор
и утеха.

Таа немаше ништо пред нас
и остана така ништо
со раскошни фустани,
со оган под нозете
и песна изедена
како леб и сол.

Замина едно утро
со дебели подочници,
со којзнае колку денови и ноќи
без празнување.

Доаѓам и заминувам
од овој миг со тебе,
од којзнае која болка во народ
насобран околу суво речно корито
постаро од неговиот опстој
сосе гол и чекорен камен,
до еден од извишените
како планина помеѓу нив.

Љубовта ни е далечна,
а по којзнае којпат
сме за нов приказ со други,
незнајни.

Leave the first comment