19. Збор изворен
Којзнае кога, којзнае каде,
којзнае зошто го оставивме
во дамнина моја и твоја,
а никогаш наша;
како род по љубов
чекајќи
некое следно патување
кон камења и сува трева;
за вода пред да пустиниме
во предел некаде на запад
уште неоткриен од нас,
од север, од исток
и најсетне од југ.
Таму сè уште треба да има
сува рида до самоти брег
за смеа, за радување,
за откривања на голи тела
до премора од страсти.
Го оставивме во плач и студ
на времето што нè далечеше
од миг во миг сè повеќе
и сè побрзо
ко истурени дождови
стопени во воздиви;
дури пустиниме
од една постара игра
играна на свадби, во огнови,
во скриена грмушка
на сува рида до самоти брег,
од западна страна,
од нас од север, од исток
и најсетне од југ.
Сè почесто паметам,
а мислам и ти
дека го оставивме детето
што си играше криенка
со нашата љубов
во состојба
како ни на небо ни на земја,
а исправено, а гордо
само во растење.
На крајот ни приреди
висок пречек,
со неизмерна благодарност
на сува рида до самоти брег,
дека му сторивме добро дело
што го оставивме
некаде на запад
уште неоткриен
од нас, од север, од исток
и најсетне од југ
како збор изворен.