Потребно време за читање: 2 минути

16. Парче земја и јас во тебе

Учи ме, подучи ме, научи ме
како да ја превртам
сувава земја за плодна да е,
како да ги искорнам плевевиве
за да не ја трујат,
како да ги наредам добава
за четири годишни да бидат,
како да приберам нови корени
за нова сила во мене

пред светот
во нова опсадена состојба
простум да достојам.

Мојот еден и единствен татко,
што да нема друг како него,
јаде сув леб со малку сол;
се разбира, солта е негова,
а лебот и мој
како за мене утре.

Често си ја гребе усната
со ноктот на показалецот
секогаш оставен
поголем од другите;
тоа му е уште од пред војната,
кога се сеќава
како со други деца
наредени едно до друго
во камена улица
продавал гевреци и симити.

Улицата е од детството
на мојот татко,
единствен,
што да нема друг како него.

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Во косата ти влезе оса!
Којзнае дали е уште жива!

Гледаш напред, нема ништо.

Во тој ќош бил седнат
татко ми
на царевка сува,
со коленици во крв;
тоа поради искра во очите
или молња;
така било во сините очи
како надежно небо.

Татко ми имаше сини очи.

Одамна не си во мене,
па ми иде да те споделам
сосе леб и капка вино
со други
и со сува рака од глад и страд.

Рацете на мојот татко
еден и единствен,
што да нема друг како него,
му беа суви, испукани,
изранети, срквавени.

Тој сега одново
јаде сув леб со малку сол
во парчево земја
и нова сила во мене;
оти го сака,
многу му е близок,
само еден чекор
од вчера кон денес.

Солта е негова,
а лебот и за мене
ако посакам, ако нема друго.

Немаме единствено гледање
пред светот
во нова опсадена состојба.

Во косата ти влезе оса!
Којзнае дали е уште жива!

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Гледаш напред, нема ништо.

На твојата голотија в оган
ко да седнале многу орли.

Едно е ова парче земја
со татко ми во него,
со јас во тебе
и со ти пред нас.

За спомен и незаборав,
за потомство и опстој,
за корен и трага,
за дека сме биле
додека сме.

 

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here