ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

11. Човек за нива со нива
од човек

Човекот:
Имаше длабока бразда
на дланката;
пред јазикот
запалена свеќа,
под едната нога
сокриена сенка,
а на доглед црвена вода.

Нивата:
Имаше длабока бразда
до дланката;
над јазикот
запалена свеќа,
под едната нога
сокриена сенка,
а на доглед црвена вода.

Човекот:
Имаше плевели во косата;
под коските цвет
од дамнина,
уште од детството можеби,
во устата премален збор
без збор,
а во очите заробен облак.

Нивата:
Имаше плевели до косата;
над коските цвет
од дамнина,
уште од смртта можеби,
во мислата збор
без никакво значење,
а во очите заробен зрак.

Човекот:
Имаше траги од грижи
на челото,
со знаци, букви,
бројки од нула до еден
и обратно;
низ забите живи треви
од пролети до есени,
во снагата река со брегови
што се ронат,
што го ронат
за да не може да ја крене
на небо
или да ја испие жеден,
па и гладен.

Нивата:
Имаше пречеци
на животи и смрти
на челото
од близок и далечен род,
со бројки, букви,
знаци за разбирање
со неразбирање;
во паметењето корени
од лета до зими,
над своето време река
со брегови што се ронат,
што ја ронат
за да не може да ја крене
на небо
или да ја испие жедна,
па и гладна.

Човекот:
Беше престигнат
од оган в гради;
во срцето грутка земја,
во мрачнина по виделина
изгубен воздух
по последна мугра
од скаменето невреме.

Нивата:
Беше запрена гола
и пустошна;
над срцето стрела од сонце
поради изгубена плодност
до последна мугра
со зол час
од скаменето невреме.

Еднаш
мравка заскитана
по последна самотија
удри ненадејно
во изминат пат заедно,
на Човекот и Нивата
неразделни,
во пајажина плетена
меѓу ѕидови меѓу нив.

Во ист миг жаловна песна
пресече убава жена
без плодна утроба.

Тоа беше сè!

Leave the first comment