Аристотел како сенка ми ја наметна мене како сенка проблематиката на исчезнувањето. Го предупредив дека ја прифаќам, но очекувам од него да слушнам нешто што досега ни сум слушнал ни сум прочитал. Инаку, ќе сметам дека намерата му е друга, засега за мене неодгатлива. На пример, дека ќе стори сè за да исчезнеме заедно истовремено. Тој се зачуди, можам да речам и се изненади велејќи дека не памети некогаш воопшто да сме разговарале за исчезнувањето, а тој ниту нешто домислил за него, ниту, пак, бил поттикнат или предизвикан да го промисли. Јас само му нагласив дека обајцата сме сенки, а на човечки сенки во далечното, блиското и сегашното време меѓу другото им е својствено да подзабораваат дека нешто рекле или недорекле за што-годе. Што не значи дека не е слушнато или запишано во друг контекст, а од кој некогаш ќе биде извадено. Како што е суштината на исчезнувањето на сè живо и мртво во постојан свет.
Аристотел се замисли, молчеше некое време, речиси до почетокот на ниедната доба во една наша ноќ, па го крена кажипрстот како да ме предупредува или бара да го слушам внимателно. Рече:
-Ти веќе искажа една негова суштественост-дека исчезнува сè живо и мртво во постојан свет. Мислиш не и во непостојан? А што е со нашиов, постоечкиов?
Јас со насмевка:
-Тоа беше моја мала, очигледно успешна провокација…Почна, па продолжи…Те слушам внимателно.
Тој:
-Да го оставиме засега настрана последниот животен чекор-пред исчезнувањето… Да, би можело да се каже дека исчезнува сè живо, за сè мртво е потребно поопстојно промислување, но никогаш две живи нешта во исто време. Имај ја предвид обусловеноста во природата. Јас би рекол дека сè зависи еднакво од должината и длабочината на оставената трага, како и од вредноста на животот до смртта. Потоа следи детерминираноста на времето и самото постоење…
Јас:
-Ти разликуваш индивидуално од колективно исчезнување? Ако ја правиш таа разлика, тоа значи дека не исчезнува сè…
Аристотел како да ја очекуваше таа моја забелешка:
-А ти не разликуваш?…Индивидуалното исчезнување е само тоа и нема подлабока врска со колективното. Исчезнува живо сè од еден за еден, со сето негово битие, но трагата што ја остава може да биде неизбришлива со векови. Макар како од нас-човечки сенки во далечно, блиско и сегашно време…Јас верувам во трајни вредности на животот наспроти исчезнувањето. Туку…Не те прашав дали го разликуваш исчезнувањето од смртта…Да не мислиш дека се суштествено исти?
Го очекував од него тоа прашање, па веднаш му одговорив:
-Се разбира го разликувам. Никогаш не сум ни помислил дека се суштествено исти. Исчезнувањето е премин на животот во духовната сфера, во духовното постоење, додека смртта во најголема мера е физичко непостоење. Тоа е просто…
Не ми дозволи да ја довршам мислата:
-Никогаш да не го забораваш времетраењето. Исчезнувањето е долг процес, може да се чини и вечен. Земи го нашиов пример. Ние сме пред исчезнување, а всушност исчезнуваме во далечно, блиско и сегашно време…Да, мислам дека јас и ти додека бевме живи создадовме трајни вредности. Ако, пак, не, тогаш секако ќе создадеме во посточекиов. Од друга страна, пак, како сме во овој без создадени вредности на животот?
Го потсестив, всушност инсистирав:
-Се согласувам дека за исчезнувањето на сè мртво е потребно поопстојно промислување. Но, бидејќи лесно може да се случи да не најдеме време за тоа, па да останеме недоречени, кажи нешто првично. Најпрвин за самото исчезнување на мртвото…Како и тоа премин во духовната сфера, во духовното постоење?!
Градските гробишта беа пусти. Ниедна жива душа ни близу ни далеку. Како е можно да бевме само јас и тој меѓу старите и новите гробишта, речиси до почетокот на ниедната доба во една наша ноќ?!
Запревме пред еден стар, а запустен гроб во кој беше погребан незнаен херој загинат во последна војна. Ги забележавме годината на раѓањето и загинувањето односно погребувањето, како и имињата на оние што го погребале. Средовечен, на триесет и шест години. Го погребале татко му Мирослав и мајка му Светлана. Без презимиња или презиме.
Аристотел искажа последни зборови:
-И во непостојан и во постоечки свет исчезнувањето на сè живо и мртво е неминовно. Неговото траење зависи само од трагите на вредностите во животот и вредностите за живот.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 31