Иновација. Еден од оние зборови што големите компании ги фрлаат како конфети во рекламните кампањи, а под него најчесто се крие едноставна логика – нешто ново што треба да донесе пораст. А порастот, ако сме искрени, прво и најгласно значи поголема цена на акциите. Сѐ друго е декор.
Во светот на бизнисот и менаџментот одамна е познато дека корпорациски гиганти како IBM или Volkswagen плаќаат и по 30.000–40.000 долари за дводневни курсеви по иновативност. Два дена. Неколку презентации. Малку buzzword-и. Многу PowerPoint. И надеж дека нешто ќе се „прелее“ и надолу во системот.
Но, тука доаѓа еден важен пресврт во размислувањето.
Иновацијата не е привилегија на големите
Rowan Gibson, автор на книгата The Four Lenses of Innovation, јасно потенцира дека иновацијата не е ексклузивно право на големите играчи. Малите фирми немаат милиони за истражување и развој, но токму затоа немаат ни луксуз да бидат мрзливи. Тие мораат да бидат покреативни – во секој сегмент од работењето. И тоа е тешко. Многу потешко отколку да се купи уште еден курс.
Размислување однапред – најскапата дисциплина
Основното правило на иновативноста е едноставно, ама болно: да се размислува однапред. Малите фирми најчесто се заглавени во она што е „жешко“ токму сега. Трендот на моментот, тековниот клиент, тековниот проблем. И додека се гаснат пожари, идните чекори остануваат магла. А токму тие чекори се клучни.
Ова е точката каде што повеќето менаџери се сопнуваат – не поради недостаток на интелигенција, туку поради недостаток на време и храброст да застанат и да гледаат подалеку од следниот квартал.
Иновацијата како намерен чин
Една од ретките практични „менаџерски“ препораки што навистина има смисла е банално проста: закажи состанок посветен исклучиво на иновативноста. Не ад-хок, не меѓу две обврски, туку сериозно. Ако треба и за време на викенд. И уште поважно – награди го вложениот труд и креативноста. Со учество во проект, со повисока плата или со слободни денови. Инаку, тоа не е иновација, туку театар.
Уривање ѕидови – буквално и ментално
Во контекст на внатрешната организација, следниот чекор кон поголема иновативност е уривање на ѕидовите. Буквално. Работата во мрачни, тесни канцеларии ја убива креативноста. Додека луѓето не разговараат меѓусебно, нема колективен know-how.
Ова го нагласува и Peter Skarzynski, соработник на Гибсон, кој предлага организација по мултидисциплинарни тимови – луѓе од различни оддели, со различни искуства, во постојана интеракција.
Она што го сакаме – и она што го знаеме
Повеќето компании имаат кристално јасна визија за тоа што сакаат да бидат. Многу поретко имаат јасна слика за тоа што навистина знаат и што веќе поседуваат. А токму таму лежи иновацијата. Во тие скриени, потценети ресурси.
Кога способностите се аплицираат пошироко, кога знаењето се гледа како алатка, а не како опис на работно место, тогаш почнува ловот на нови можности.
Иновацијата како процес, не како алиби
Иновацијата не е еден разговор, една работилница или една инспиративна фраза за на ѕид. Таа е постојана потрага по нешто ново и досега невидено. Процес. Напор. Ризик.
И тука доаѓаме до најболниот дел.
Кај нас, токму креативните и иновативните луѓе најчесто се тргнати на страна. Маргинализирани. Дестимулирани – не само финансиски. Оставени незаштитени од агресивноста и бизнисменскиот примитивизам, од она „не паднал од небо за да биде над мене“. Од страв. Од лична загроза.
И затоа на прв поглед изгледа како да ги нема. Како да недостасуваат. А вистината е поинаква. Тие се таму. Само системот не знае што да прави со нив. Па рамнодушно констатира – „тоа е тоа“.





