Има во човек некоја сила
што го држи вековито
извишен пред повев
или пред ветриште;
во човек роден да живее
сè дури е живот со него,
еднакво крај него,
еднакво пред него,
еднакво некаде по него.
Тоа е некоја сила која
без престан се грижи
да бидат во рамнотежа
човечки сетила и свест,
разбирања и сништа,
молчења и зборови,
риданија и радости.
Некоја сила во човек
што создава и дејствува
жизнено,
што раѓа и умира
достоинствено.
Има во човек некоја сила
и има сила околу човек
од друг човек со него;
обете испреплетени,
обете сплотени;
се спомагаат меѓусебно,
се поткрепуваат
и се надополнуваат
во борбата за слобода
на мислата пред сè,
на говорот пред сè,
на чекорот,
на делото пред сè.
Има сила човечка во човек
која му дава на светот
негов
смисла и постојан устрем
кон беспорноста.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 20