Идентитет

Потребно време за читање: 4 минути

Терминот означува истоветност, целосна еднаквост, но и однос според кој е нешто, на пример битие или својство, во различни случаи или под различни видови еднакво на самото себе си, односно исто.

Според тоа дали истоветноста се однесува на конкретно (поединечно) битие или на својство, разликуваме материјален и квалитативен идентитет.

Во логичка смисла идентитетот е единственост на значења на мисли, наспроти разновидност на мисловни и предочени процеси кои се однесуваат на ист предмет. Идентични се поимите кои имаат иста содржина и опфат.

На тоа е соодветен и Аристотеловиот закон на принципот на идентитетот, како врвно начело на мисловно пристапување на стварноста: не е можно еден ист предикат, во исто време и во ист вид, да му припаѓа и да не му припаѓа на еден ист предмет.

Филозофија на идентитетот е философска насока што ја застапувал претставникот на класичниот германски идеализам Ф.В. Шелинг, кој прв и го употребил тој термин во своето дело „Систем на трансцендентален идеализам“. Тој смета дека субјектот и објектот, мислењето и битието, духот и природата се две страни, два пола на една иста стварност, значи во суштина „идентични“.

Денес под тој назив се означува секоја филозофија во која противречностите на материјата и духот, на објектот и субјектот, стварноста и мислењето се сметаат за атрибути и спротивности на единствено идентично битие, супстанција. Така е кај Спиноза, кој во се наоѓа само една „супстанција“ со различни атрибути, па се до Хегел кој го одредува битието како мислење.

Терминот филозофија на идентитетот посебно се употребува за англискиот и американскиот неореализам (Мор, Расел, Александер, Вудбриџ, Фулертон, МекГилви), според кој духот е една од манифестациите (емергенција) на по себе „неутралната“ природа.

Психолошкиот идентитет е постигнат кога свеста останува во себе иста како единствена целина во разновидност на психички услови или ситуации. Го одредува некој вид на различност помеѓу луѓето, но и доживување на себе си како единствен и траен.

Прашањето на идентитетот е самата човекова суштина. Тој овозможува чувство на континуитет помеѓу минатото, она што било некогаш, она што е сега и она што личноста мисли дека ќе биде.

Под поимот идентитет денес се подразбираат не само личниот, туку и националниот, етничкиот, културниот, европскиот, визуелниот, корпоративниот, дигиталниот, звучниот и многу други. Многу од нив ги наметна современата цивилизација, технолошкиот напредок, а дел и помодарството.

Психолозите потенцираат дека идентитетот на личноста се формира речиси од раѓање. Имено, наизглед непостоечката, а сепак толку сложената комуникација што се воспоставува помеѓу мајката и детето по раѓањето овозможува создавање на единствено чувствување на Јас.

Многумина теоретичари се согласуваат дека односот мајка-дете се воспоставува и пред раѓањето, со одлуката мајката да зачне, а потоа и да роди. Односот со партнерот, социјалното и економското опкружување, општата состојба, посебно психичката, што и претходи на зачнувањето, играат мошне важна улога.Фазите низ кои бебето и мајката минуваат се разновидни, богати со заеднички, но и одделни интрасубјективни карактеристики. Во текот на втората година се јавува „Јас“ кое детето го користи кога зборува за себе, одредница со која се разликува себе си од другите, но и се дефинира себе си како издвоено битие.

Идентитетот кој подразбира полов, роден, роднински, професионален, социјален, вредносен, сексуален, национален, религиозен аспект на една личност, својот полн замав го достигнува во времето на адолесценција. Адолесцентите експериментираат со своите граници, со својот идентитет во најширока смисла. Тоа има за цел проверка на она што се чувствува како Јас, но и потреба да се истражува, а со тоа и да се зајакнуваат сопствените севкупни потенцијали.

Во текот на развојот се стекнува однос спрема севкупниот внатрешен свет, токму оној што го означува идентитетот. Младите луѓе него го градат и низ односи со други, првенствено со свои врсници. Тие се мерило на вредносни системи, на вкус, имаат надмоќ и нудат обрасци за живот. Во текот на овој период, кој се смета за најсложен и неповторлив во растењето, младите го формираат и конечно го дефинираат чувството на национален идентитет.

Националниот идентитет овозможува да се чувствуваме како свои меѓу свои, без оглед на пречките, тешкотиите, предизвиците кои ги носи припадноста на една нација. Меѓутоа, зрелите и остварени луѓе немаат проблем со луѓето кои имаат друг национален идентитет зашто, поради цврстината на нивниот, другите не ги загрозува. Токму оние што најмногу се бунат поради други национални идентитети укажуваат на слабост на сопствените, а што предизвикува бројни судири.

Денес не е реткост да се слушне дека од некој се бара да има цврст професионален идентитет. Ако е лекар, тогаш е лекар. Тоа значи дека личноста се чувствува како лекар, но во исто време работејќи од нужда или со слободна волја некоја друга работа не го губи чутвството на професионален идентитет. Затоа луѓето кои не се занимаваат со примарното занимање или се раселени имаат дотолку помалку проблеми со наоѓање на работа која не соодветствува на нивната способност, доколку нивниот професионален идентитет бил доволно цврст.

Современите економски трендови наметнуваат и нешто што се вика корпоративен идентитет. Секоја корпорација има потреба од оригиналност, единственост, но и верност на кои за неа или во неа работат. Корпоративниот идентитет означува почитување на заедничко на сметка на индивидуално. Тимската работа е неминовна, но станува штетна ако сите мислат идентично, сите се согласуваат во се и се тече „како да се еден“. Токму тоа зборува за губење на личниот идентитет. Со внесување на личен аспект, на сопствено поимање, на свои сфаќања, тимот може само да добие. Задушувањето на индивидуалноста можеби може да помогне за растот на корпорацијата, но е секако штетно за учесниците.

Личностите со формиран и цврст идентитет се стабилни, постојани, им одолеваат на животните осуетувања, умеат да се радуваат, да тагуваат, да планираат, потпирка им се на други, знаат во секој момент кои се.

Во наше време особено интересно е прашањето на идентитетот во врска со сајбер- просторот. Имено, Интернет и сајбер- просторот остваруваат нови можности за категориите на идентитетот како флуиден и фрагментарен мултиплицитет на сопството да размислуваме појасно и посликовито.

Интернет во некои свои манифестации ги илустрира и интензивира секојдневните идентификациони практики, притоа давајќи, благодарение најнапред на анонимноста што ја нуди, поголеми и поинакви можности за проширување на нивниот спектар кои во секојдневниот живот можеби би морале да се прикриваат или не постојат доволно можности за нивна реализација.

Некои сметаат дека токму во тоа може да се проучуваат Интернет и сајбер- просторот како интересна илустрација на теоријата за индентитетот како нефиксиран и неединствен, туку како фрагментарен, ситуационен и процесуален. Што, пак, од своја страна, многумина автори наведе да започнат да го избегнуваат самиот термин идентитет, зборувајќи порадо за идентификациони процеси, практики и проекти, односно на идентификацијата во прв план да и ја истакнат процесуалноста.
 

Leave the first comment