И тој како веќе исчезнат

Потребно време за читање: 2 минути

-Последен пат, пред да исчезне првпат, се видов со Сенко Виделиноски еден летен ден на зајдисонце. Црвеното сонце заоѓаше и тишина нè совладуваше. Ноќта како секоја друга летна ноќ. Жуборот на неговиот извор на бистра вода ист како во сите наши дотогашни дружења во летни денови на зајдисонце-постојан, спокоен и жизнен.

Ме изненади неговото наметнување на темата за последното исчезнување на човек по многу куси или долготрајни исчезнувања. Последното како конечно.

Ти добро знаеш, пријателе Радован Павловски, дека според мене нема ништо посебно, особено не загадочно и во исчезнувањата и во исчезнувањето. И оти нерадо зборувам за нив и за него. Затоа што ние творците знаеме дека творецот се раѓа при секое дело, опстанува сè додека го создава и исчезнува во него по неговото завршување.

Веќе бев навикнат да ги слушам кусите искази на Сенко Виделиноски. Најчесто монолози, а со долги молчења пред нив и по нив. Исто за постојаните исчезнувања и последното, конечното. Дури во само една реченица, без интерпункција до крајот со точка.

Прочитај и за ... >>  Пред нов понор

Радован Павловски замислено:

-Кој ти е тој Сенко Виделиноски? Јас не познавам творец со такво име и презиме. Можеби некој далеку од нас во минатото или во сегашноста?

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Не го познаваш, ниту ќе го запознаеш некогаш. Јас го измислив зашто ми треба кога се чувствувам како сенка пред исчезнување.

Радован Павловски:

-И велиш дека е исчезнат и сте биле заедно пред неговото последно, конечно исчезнување?

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Исто како ти и јас. Како творци.

Радован Павловски:

-Ти добро знаеш дека јас се раѓам и исчезнувам во и со секоја моја песна.

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Се разбира знам. Белки не си заборавил дека кусо време бевме соседи, во соседни живеалишта. И исчезнувавме заедно.

Радован Павловски:

-Се сеќавам бледо…И што ти рекол тој твој Виделиноски за постојаните и конечното исчезнување?

Јас, Јас и Тој или Тој и јас, на Радован Павловски му го пренесов исказот на Сенко од збор до збор:

Прочитај и за ... >>  Мигновени животи

-Го запаметив од збор до збор затоа што предизвикува согласност или противење:

„Моите досегашни исчезнувања, како и последното, конечното, се и директно и индиректно поврзани со изворов на бистра вода. Јас и тој се чувствуваме меѓусебно. Имај предвид дека, како секој извор на творец, и мојов мигновено, речиси истовремено се раѓа и исчезнува заедно со мојот творечки дух. Неговото конечно исчезнување, што засега одвај забележливо се случува сè позабрзано, значи и мое конечно…Знам дека ова е наша последна средба.

А во врска со твоето прашање дали моето конечно исчезнување има врска со летниов ден на зајдисонце, ќе оставам да размислиш и да си одговориш. Можеби ќе ти помогне тоа што изворов е и ќе остане жив само доколку по мене остане само мој“.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 47