И се брои времето на книгата

Потребно време за читање: 2 минути

Да, судбината на книгата ја „запечатува“ електронското-дигиталното издаваштво, односно Интернет (веќе е поефикасна и поделотворна објавата на општи или специјализирани-книжевни сајтови). Последниот и најсилен „удар“ го задава таблетот.

Уште една потврда на мојот став дека печатената (хартиена) книга нема иднина, исто како и весниците и списанијата.

Всушност, за книгата има само една перспектива: објава на специјални, библиофилски изданија (нумерирани според „системот“ на графиката- колку „поблиску“ до авторските примероци, толку поскап примерок).

Колку што ми е мене познато, засега единствено такво македонско издание е мојата поетска книга „Генерика-Книга на изгревот и залезот“, објавена во 1998. година, во 99 примероци. Таа воопшто не се продава(ше) во книжарниците, а само 20-тина примероци добија бесплатно „избрани“ луѓе (секако и другите ќе бидат подарени лично од мене).

Најнова навремена „реакција“ на незапирливото „пропаѓање“ на „традиционалната“ книга (исто како што се случи со објавувањето на папирусот и пергаментот): по 244 години енциклопедијата „Британика“- една од најважните референтни книги на светот, го укинува печатеното издание!

„Британика“ престанува да ги издава своите 32 обемни томови на печатеното издание. Отсега таа ќе се фокусира на ширење преку дигиталните медиуми поради се пожестоката конкуренција на интернетските страници, како што е „Википедија“.

Претставниците на „Британика“, кои некогаш својата енциклопедија ја продавале во директна понуда од врата на врата, сега дури 85% од својата продажба ја остваруваат на Интернет. Токму поради тоа, објави Би-Би-Си, неодамна е претставено дигиталното издание за таблети.

-Продажбата на печатени изданија стана речиси занемарлива во последните неколку години-објасни Хорхе Кауз, претседател на „Британика“, и додаде дека тој и неговите колеги биле свесни дека ќе дојде и тоа време.

Од „Британика“ исто така објаснуваат дека за преминот на дигитално издание се одлучиле поради промените во потрошувачките навики, но и можноста од ажурирање на содржината во мошне кратко време исто така играла голема улога во донесувањето на одлуката за прекин на печатење на енциклопедијата.

-Печатеното издание на енциклопедијата е застаерено во оној момент кога излегува од печатарската машина,-изјави Кауз и нагласи дека дигиталното издание непрестано може да се ажурира.

„Паноптикум“ е лична енциклопедија на Интернет, една од ретките во светот, кооја се ажурира буквално секој ден.

Најново во светото на таблет компјутерите: таблетот на Sony како книга Sony го претстави првиот таблет компјутер кој се преклопува на половина и се отвора како книга. Во компанијата се надеваат дека ќе биде конкурентен на Apple-овиот и iPad. Sony Tablet P има два 5,5-инчни екрана чувствителни на допир. Можно е да се превиткаат на половина. Тоа го прави попрактичен од iPad и сличните уреди, а и полесно е да се носи.

Како што објави Daily Mail, во Sony тврдат дека може да се стави во рачна торба или во џебот на сакото. Од iPad е поевтин за 20 евра, а овозможува и wi-fi и 3G пристап на Интернет. Двата екрана е можно да се комбинираат и да се користат како еден голем. Екраните можат да функционираат и посебно.

Како и другите таблет компјутери, Sony Tablet P може да презема музика и клипови од Интернет, да поседува предна и задна камера, а овозможува и видеоповици.

Sony го претстави и конвенционалниот таблет компјутер Sony S. Тој има 9,4-инчен екран чувствителен на допир, инфрацрвена технологија, може да се користи како далечински управувач за ТВ или Blu-ray player. Со допир на копчиња клиповите и фотографиите можат да бидат испратени од таблет компјутер на компатибилни ТВ уреди. Верзијата со wi-fi чини 450 евра.

(Објавено на 20.3.2012)

Leave the first comment