57. Јас, Серафим и Мара
Секое утро и лете и зиме бездомникот Серафим е на Мостот на пријателството, седнат на ќебе, крпи и картонски кутии. До него спружена кучката лангач Мара. Ни тој ни таа одамна никако не реагираат кога некој минувач ќе подзастане и ќе фрли некоја пара во црниот цилиндар пред него. Како јас секое утро, колку за векна леб. И ова декемвриско, смрзнувачко.
Но ја немаше Мара!
-Серафиме, пријателе, кај ти е Мара?,-го прашав.
-А, Мара ја оставив дома, под клупата во Жизнениот парк. Ја покрив со сè што најдов за покривање во контејнери за секаков отпад, расипана храна и партали. Топло ѝ е…Вчера многу ме израдува. Окучи пет кученца.
Искрено, се израдував.
-Слушни Серафиме, пријателе. Станувај! Денеска прескокни го седењево овде. Еве ти колку за пет векни леб. Купи јадачка за обајцата и биди со неа. Не ја оставај сама со кученцата.
Стана, ги прибра ќебето, крпите и картонските кутии, ги изваде парите од црниот цилиндар, го стави на глава, се поздравивме со насмевки и се разделивме.