ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

48. Личното време на Сандо Јаворски

Сандо Јаворски е посебен меѓу моите пријатели. Високо го ценам оти отекогаш внимавал на своето лично време. Не само оти го организира и троши рационално. Можеби поважна од сѐ е неговата одбрана, да не му се случи ниту миг од него да сподели со некој што според него тоа не го заслужува.

Најголем дел од неговото лично време го троши на читање на веќе еднаш или повеќе пати прочитани книги. И тоа исклучиво од неговата лична, домашна библиотека. Останатото го распределува на средби и мубаети со пријатели и познајници, најрадо за незаборавните љубови во животот, на следење на секакви културни настани, посети на историски зданија и археолошки локалитети, потоа на нужни секидневни покупки, прошетки во парк и искачување на ридовите што го опкружуваат градот.

Сандо е посебен меѓу моите пријатели најмногу поради читањето на веќе прочитани книги. Последно од него во врска со тоа:

-Во мојата домашна библиотека нема книга што не сум ја прочитал еднаш, двапати, повеќе пати. Непрочитаните и новите ги собирам во еден голем дрвен сандак, но притоа внимавам да не се натрупаат, па многу од нив никогаш да не ги прочитам. Што би било голем грев. Колку книги имам во мојата библиотека? Не знам. Никогаш не сум ги изброил оти тоа не ми значи ништо. Наредени се и подредени на различни начини; по области, значење, „дебелина“, од странски, од домашни автори. Сепак, најнапред, пред сите се собраните дела на творци кои мене ми значат многу. На пример, на Достоевски.

Моментно, по третпат го читам неговиот „Идиот“. Претпоставуваш зошто? Не можеш да претпоставиш. Го читам зашто неговиот јунак е најмалку идиот и сосем неспоредлив со денешниве. Особено оние во политиката и на власт.

Leave the first comment