ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

35. Збор

Тој ја знае тежината на секој збор. Научи најнапред да ја мери неа, па после сѐ друго по неа во него и од него. Веќе стекна и многугодишно искуство користејќи ги секојдневно како основен материјал. Го третираше токму така во својата поезија. Како бојата сликарот, како глината и гипсот вајарот, нотата композиторот.

Таа не само што не ги мереше, туку не ни ги промислуваше смислата и значењето на зборовите. Просто се расфрлаше со нив, ги употребуваше и кај што не им е местото. Ја забавуваше да не ги доречува или да ги изговара со несоодветни интерпункциски знаци. На пример наместо точка запирка, наместо прашалник и извичник извичник и прашалник.

Нејзиниот последен збор испишан на зелено ливче во бел плик и оставен на неговата работна маса; врз кожената корица на „Една Сванова љубов“ од „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст. Што се подготвуваше да ја чита по којзнае кој пат.

Збор неизмерно тежок, кој предизвикува неизмерна болка и остава неизмерни последици врз емотивниот свет на секој човек. „Збогум“ е збор најсилен кога е сам, кога не му претходи друг и по кој нема потреба од друг.

Беше испишан со мали букви, без почетна голема и без никаков интерпункциски знак пред или по.

Leave the first comment