28. Прикажувачот
Не знам и не паметам подобар прикажувач од него. Прикажуваше сѐ и сешто, за сѐ и сешто. Доволна му беше само чашка ракија за да почне, па никој не можеше да го запре дури не ќе се умореше.
Прикажуваше многу и секакви љубови, за многу и за секакви. Најчесто за една ниту доживеана, ниту преживеана меѓу маж и жена кои само еднаш се разминале во рано утро, се погледале, па си размениле топли и нежни насмевки. Некој ќе го прашаше какви се тие топли и нежни насмевки, а тој не одговараше, туку само се насмевнуваше простосрдечно.
Прикажуваше секакви расположби просто како да беше во нив. На пример, длабока тага, осаменост, грижа. Прикажуваше за неизвесна судбина на нечие патешествие до најмал детал, како да било негово незаборавно.
Ми фали прикажувачот. Им фали на сите што често го слушале неговиот милозвучен глас. Ниеден ниту сличен на него.
Нема кој што не го памети неговото прикажување за неговата смрт што му идеше забрзано. Рамнодушно, со спокојни воздиви, со споредби и метафори кои ја претставуваа како крај на задоволен, сосем исполнет живот.