ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

22. Пеш низ градот

Со години Стојмир Михајлов оди само пеш низ градот. А градот е голем, велеград, тој веќе во години. Не само што никогаш, ни во младоста немал автомобил, што ни сега не помислува да има, да си купи, ами за него не постои ни автобуски, тролејбуски, трамвајски градски јавен превоз. Не постои ни такси!

Стојмир Михајлов и лете и зиме оди само пеш низ градот, неретко и низ неговите големи предградија. Одел кога бил млад, во зрелите години, оди и сега во години, без оглед на бројноста и тежините на обврските, состаноците, средбите, потребите. Што не е помалку важно: секаде, близу или далеку, и секогаш стасувал, стасува точно навреме. Како успевал? Како успева?

Секогаш има еден одговор:

„Никогаш не ми било, ниту ми е проблем да стасам совреме на кое било место, на средба со кого било. Зашто времето, далечините, чекорот и чекорењето ми се секогаш точно пресметани. Одам пеш низ градот и предградијата не само за здравје, за кондиција, ами многу повеќе оти просто уживам да се разминувам и да се поздравувам со знајни и незнајни сограѓани, да скршам збор-два со пријатели и познајници, а и да поодам во чекор со некои што ми се особено драги…Во последно време чекорот не ми е баш жив, ама тоа е животот“.

Да, човекот во години Стојмир Михајлов сѐ поретко се гледа како оди пеш низ градот.

Leave the first comment