20. Имаштија
Ни тој не знае како таа вечер се најде меѓу имашливите. Му се јави нему познат ликовен критичар и го покани да присуствува на изложба на уметнички слики на колекционерот Горазд Маневски, еден од најимашливите во градот. Прифати рамнодушно.
Отиде намерно облечен во ветва облека: син блузон, сини фармерки и длабоки патики. За да се разликува од нив, да забележат дека не е еден од нив.
Просто не можеше да се начуди! Ликовниот салон беше преполн со средовечни мажи и жени, понекое момче и понекоја девојка, сите облечени слично на него! Многумина без никаков вкус, правило, умешност за комбинирање на облеката.
Праша, му посочија кој е Горазд Маневски. Му пријде, му се претстави и го праша:
-Вашава колекција содржи навистина вредни, скапоцени дела од светски и домашни сликари. Лично ги избирате или…
Му се насмевна и рече:
-Секако не. Јас воопшто не се разбирам во ликовната уметност. Имам критичар кого го плаќам, кој ми е одговорен за тоа. И мошне сум задоволен од неговиот критериум. Сакате да ве запознаам? Ене го.
-Не, благодарам. Го знам. Се знаеме.
Беше критичарот што го покани.
Незабележано ја напушти изложбата. На излезот од салонот се насмевна иронично заклучувајќи:
„Не можам ни да се замислам како еден од ваквите имашливи…Ама блазе си му на имашливиот за колекцијата“.