18. Жар
Го паметам жарот во студови зиме во семејното огниште. Многу повеќе одошто огнот во него. Затоа што многу често бев буден заедно со него до ниедно доба, додека не станеше пепел. Единствено јас и тој. За разлика од другите ближни со кои седев околу огнот до почетокот на неговото гаснење, до неговото престорување во жар.
Семејното огниште ми е одамна угаснато. Веќе е без покрив, со многу процепи во натрупаните камења од ветришта и надојдени матни води.
Не бев јас последниот што замина, го напушти, го остави само да се бори до последен здив против заборавот. Беше мој потомок кој долго во студови зиме, до ниедно доба молчешкуим го гледал жарот во него како станува пепел. Некои од моите ближни мислат дека тој никогаш не заминал, починал крај него. Но по долго истражување на семејното стебло открив кога точно заминал незнајно каде: кога толку снеможел што веќе не можел пак да запали и да разгори оган.
Јас го напуштив семејното огниште во едно пролетно топло утро. Откако во ниедно доба жарот стана пепел.