11. Знаен и незнаен
Во Мал град сите се знаат меѓусебе. Не само оти е мал град, со еден булевар, неколку крстосници и слепи улици. Најнапред дека неговите жители имаат заеднички мигови, часови, денови и ноќи во живеачката.
Круме Утков сите го знаеја како човек кој со дело надминал многу премрежија во животот и по нив достојал исправен, цврсто на нозе. Да, тој во Мал град беше еден од ретките творци-ликовни уметници кој на своите масла и цртежи пренел, портретирал, може да се рече овековечил многу негови знаменити личности во минатото и сегашнината.
Круме Утков конечно дочека да отвори изложба на свои ликовни дела во Голем град. Се радуваше зашто тоа го сметаше за голема лична афирмација. Со неа станува знаен, признаен и ценет. Тоа му се потврди и со продавање на три од изложените дваесет и осум масла и цртежи создавани во текот на изминатите двесет и пет години.
Реши да остане, да заживее во Голем град. Не му беше лесно да се прости од Мал град, од знаените и ближните, од заедничките мигови, часови, денови и ноќи во живеачката со нив.
Незнаен е и сам во Голем град. Го знаат само два-тројца со кои многу ретко, сосем случајно се среќава и разменува понекој збор, мисла или стојалиште за некоја актуелност.
Круме Утков секое утро, во рани часови може да се види на Булеварот на слободата, упатен кон Градскиот парк. Во молк, исправен и со цврст чекор.