ГОЛТКИ, минијатурни раскази

Потребно време за читање: < 1 минута

12. Вител

Во далечината здогледа вител. Тенок како конец на земја, сѐ поширок, подебел и потемен над земја,  модар па црн до небо. Наидуваше, беше сѐ поблизу до неговото парче земја обградено со бедеми  и високи дабови со дебели стебла, големи крошни и длабоки корени.

Реши да му пркоси. Има уште сили да стои исправен, стамен, непоколеблив. Нема да му дозволи да го собере во себе, да го голтне, да го крене, да го развитли, да го фрли мртов во пустелијана.

Наиде вителот и го собра, го голтна. Потоа брзо, речиси секавично се оддалечи, замина којзнае каде оставајќи зад себе урнатини, пустош и смрт.

Некои од оние што се враќаа голи, нȇми, гладни и жедни раскажуваа дека на крајот од пустелијана, на раб од бездна има расфрлани коски. И цел скелет потпрен на карпа. Несомнено на возрасен човек, исправен и стамен.   

Leave the first comment