Гол во сончев зрак

Препев на пев и повев

И се гледа и  не се гледа
мраморен човек гол,
сиот бел, па сиот црвен и жолт,
ту загледан во луѓе,
ту во недоглед.

Луѓе во мрачнина сокриени
втренчено гледаа во него,
едни како зачудени,
други запрепастени;

дека е жив,
само што не станал,
не се исправил
колку што е грамаден,
само што не тргнал
со стамен чекор кон надвор
од сончевиот зрак.

Да не е он нивен
предводник?!

Може да е,
а може и допрва да биде
со оглед дека хоризонтот
е далеку,
е одвај видлив
е одвај предвидлив.

Гледајќи го втренчено,
внимателно, предупредувачки,
луѓето во мрачнина
сокриени
не ни забележуваат
како зракот сончев
бавно и тивко
го напушта голиот човек,
упатувајќи се кон единствен,
кон последен ивор на живот.

Големо прашање е дали
некогаш пак ќе успеат
да го одбранат од пакости
на ѕверки чудовишни.   

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 15

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.