Гнила опозиција

Потребно време за читање: 2 минути

Гниењето е обично бавен, а гнилото завршен процес (расипано, пропаднато, мртво). Гниењето може да се сопре (совреме да се оттргне, да се отсече, да се ослободи здравото од  веќе изгниеното), гнилото да се фрли на буништето на…

И во политиката гниењето и гнилото според пројавувањето, времетраењето, па и содржината е речиси во иста мера како во сè друго кога е збор за политичкиот и општествениот живот. Политика што гние? Гнила политика? Да. Кога гние, таа предизвикува назадување, забавување, криза, а кога е гнила најчесто се престорува во антинародна, антидржавна, непријателска и предизвикувачка на конфликти и војни.

Суштествено е дали станува збор за дел што гние, значи сè уште има дел здрав, незафатен од гнилежот, или, пак, веќе е зафатено сè, сè е гангренозно, канцерозно, што значи е предоцна за каков било спасоносен, лечебен зафат.

Конкретни  и мошне актуелни се корупцијата и криминалот во државата, односно мафијаштвото во спрега со политиканството во општеството. Доколку во нив сè уште има сили, предводени од партија или партии на власт (се подразбира и волја), може за брзо време не само да се спаси сè уште здравото „ткиво“, туку и да се уништи изгниеното, да се сопре гангрената, да се отстрани канцерот. Доколку нема сили (и волја и обврска), се или заплашени или „диригирани“ или, пак, и тие се длабоко зафатени од процесот на гниење, неминовно е-пропаѓање, самоуништување, разнебитување.

Што е гнила партија? Просто речено, тоа е партија која не е партија, туку политикантско друштво; партиски гнилеж кој треба час поскоро да се фрли на буништето на историјата. Тоа е партија во која веќе нема ништо здраво, та ѝ нема спас. Сама по себе исчезнува или скоро ќе исчезне од партиско-политичката сцена. А партија што гние? Просто речено, тоа е партија која сè уште има какво-такво здраво партиско јадро. Но, не за нејзин спас, туку за „нова рожба“, поточно „нови рожби“. Да, мислам на фракционерството во неа-создавање фракции односно нови партии, што исто така значи скорашно завршување на процесот на нејзино гниење. Партија што гние е исто што и партија „која дише на шкрги“, односно партија во „клиничка смрт“. Што е најбитно притоа? Гниењето, „дишењето на шкрги“ односно „клиничката смрт“ да не трае предолго, час поскоро да се „пресече“.

Често слушаме од актуелната власт дека нејзе „ѝ е потребна“ конструктивна опозиција. Нејасно е зошто! Небулозно е таквата да се смета за некаков коректив на власта-на нејзиното владеење (за тоа да биде успешно?; таа да не греши?; да ги поправа од неа согледаните грешки?; да прифаќа подобри решенија?). Тоа може некако да се разбере, па и прифати кога е збор за парламентарна опозиција (значи е дел од власта-законодавната), но што е со вонпарламентарната? Се нема потреба од нејзина конструктивност?

Најпроблематично: кога од гнила партија партијата на власт бара изигрување на конструктивна опозиција. Можно ли е тоа? Се разбира не!

Најконкретно:

„Најголемите“ опозициони парламентарни партии СДСМ и ДУИ (веќе е проблематична нивната „големина“, особено ако се имаат предвид „остатоците“ од членството), сосе нивните коалиции  не се во процес на гниење, туку се во претсмртна агонија-самоуништување. Им нема спас. Може да се прогласат и за гнили-мртви.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 68