ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXI, 101-126

Потребно време за читање: 2 минути

101. Рамнодушен:
Ништо не се случува ако не се однесува на тебе или стоиш настрана.

102. Нема да бидеш утре ако денес не си со свое вчера.

103. Докажано:
Зошто партизирано судство? За сè испокрадено од партијците да не е крадено, а сите да бидат чисти, невини и чесни.

104. И ти со сиот ум веруваш дека мора да биде како што е смислено од стратешки партнери?!

105. Замисли предводник на кого стратешки партнери ќе му се поклонуваат и ќе се трудат да бидат барем во негова сенка.

106. Што подалеку од оној што ти оди на нерви.

107. Најранлив без ближен и сам.

108. Секоја љубов со убост.

109. А бре луѓе, овој што ви го натурија на чело ептен е неарен во умот! Ве брука ко партијци на секој чекор!

110. Штом судската власт е во рацете на мафијата на власт, никој не може да докаже дека е таа до гуша во криминал и корупција!

111. Лесно е со многу пари, закани и уцени да се убеди пратенички политикант да гласа против волјата на народот.

112. Ќе преживееме? Се разбира! Само е прашање како и какви како такви.

113. Ништо премногу кога знаеш колку е тоа.

114. На моќни стратешки партнери на немоќни не им требаат учени и умни политичари на власт, туку слугански и мафијашки политиканти.

115. Вака додека ти можеш и сакаш.

116. На мои години годините не значат ништо.

117. Кога љубов ќе отиде во неврат, празнотијата во животот станува безмерна и неснослива.

118. Сè подалеку од животот, сè поблизу до смртта и по неа.

119. Творечката игра нема почеток и крај.

120. Да си речам непорекливо на себеси:
Јас сум мислечка и книжевна личност. Ни голема ни мала. Со создадено грандиозно творештво.

121. Ко да не сме свесни, ниту ги чувствуваме промените што се случуваат со нас и околу нас. Најмногу зашто живееме од денес до утре.

122. Одмори, па продолжи. За да не се преумориш, па да мораш да почнеш одново.

123. Те поразило денес штом не мислиш на утре.

124. Си дозволил, а сега не би. Што дека, кога веќе не зависи од тебе.

125. Мал меѓу големи не издржува, та се трга настрана. Или го тргаат.

126. Ако не е само твоја љубов, тоа значи дека не била ни кога била.