782. На себеси
Искрен сум си на себеси. Го кажувам она што го мислам и си го докажувам.
783. Јас
Како за секој, и за мене секој си мисли што сака и како сака. Јас си знам кој сум и што сум.
784. Во години
За човек во години годините се важни само за умот, снагата и здравјето.
785. Дело
Секое мое дело е во и меѓу зборови и знаци.
786. Личен избор
Живот со самосвест и достоинство или неживот платенички и измеќарски.
787. Љубов бескрајна
Љубов со почеток без крај на крајот на животот.
788. За доумување
Многу е важно совреме да се осознае кога и зошто Јас станува Тој.
789. За потомци
Ако немав никаква добивка од моето дело, тогаш моите потомци да имаат или да го збришат.
790. Најсериозно
Што значи за мене да ја добијам Нобеловата награда за литература? Баш ништо!
791. Сега во врска со мене
Очигледно, јас како мислечка и книжевна личност, со создадено грандиозно творештво (единствено на светот!), не ѝ требам на МАНУ!?
Тоа е нејзин проблем!
792. Безгласен
Штом веќе не се гласи како до неодамна, значи дека го нема.
793. И
До вчера од него имаше „И“ со прашање или со три точки, но веќе го нема.
794. Вредност
Не вреди ако е џабе? А колку вреди ако не е ко што се чини дека е?
795. Согледба
Надуеноста и одбивноста им се својствени на самобендисани дребнави човечиња.
796. Утре без мене
Утре ќе ме нема како што ме немало денес до денес.
797. Нека продолжат
Доста збориш за себе. Остави ги нека продолжат да те молчат.
798. Снеможење
Грутка горчина и рамнодушност одамна носам во душава. Веќе ми премалува снага.
799. Во занес
Пред мене убост на љубов која веќе не ми иде ни на сон.
800. Недвојбено
Одбраната на македонизмот мора да е еднакво жестока и против внатрешниот и против надворешниот непријател.
801. Творечки
Во светот со мој, препознатлив творечки свет.
802. Брчки
Брчките на твоето чело се траги на животни премрежија.
803. Заслужено
Заслужено со труд и дело. Иако непризнаено.
804. Слободен-Независен
Слободата и независноста се обусловени.
805. Посакување
Ги почитувам вашите дела и баш би сакал да ве запознаам како нивни творци.
806. Макар миг
Посакувам макар само еден миг јас и ти еден за друг.
807. Пораз до смрт
Во заборав повеќе мртов одошто мртов.