37. Касмет (К’смет)-Среќа
Македонски народни пословици
Да имаше сиромајот к’смет, не ќе беше сиромав.
И без кисмет, ама и без пријател чоека Господ да не го остајт.
На сиромајот к’сметот не му работит.
Роди ме со касмет, та фрли ме на бунишче.
Секој чоек, што се раѓа, и к’сметот Господ му го дава.
Сиромајот да имаше касмет, ќе се обогатеше.
Што ми је фтесен друѓио, ко не ми работи к’смето.
Што ти велаат, ако немаш к’смет нафиле се трудиш.
Ако ми газиш на стапалките, на к’сметот не мојш (да ми газиш).
Иако ме гониш, сепак не можеш да ми ја одземеш среќата што ми е предодредена од Бога.
Два касмета му се собрале.
Пословици од народите на светот
Среќата е како птица во кафез: кога еднаш ќе ја пуштиш, повеќе нема да ја фатиш. (Корејска)
При убаво време сети се на невреме. (Чешка)
Кога среќата ќе ти пружи прст, ти пружи ѝ рака. (Данска)
Новата среќа барај ја, а старата не губи ја. (Руска)
Ако си среќен толку да можеш и да го кажеш тоа, чувај се, несреќата е на прагот. (Руска)
Кој има добри карти в раце, нека не ги меша. (Италијанска)
Промени се, па и среќата ќе ти се промени. (Шпанска)
Има два типа на луѓе: оние што можат да бидат среќни а не се, и оние што бараат среќа но не ја наоѓаат. (Арапска)
Кога среќата се искачува кон нас, таа се помага само со едно влакно, а кога не напушта кине дури и синџир. (Арапска)
Има два вида луѓе: оние што можат да бидат среќни но не се тоа, и оние кои бараат среќа но не ја наоѓаат. (Арапска)
Мед во кошница на среќа брзо се скиселува. (Арапска)
Среќата може да ни го одземе само она што ни го дала. (Англиска)
Среќата на идниот век се гради во овој век. (Кинеска)
Оној што ја чека среќата не е така сигурен дека ќе ја сретне како оној што ѝ оди во пресрет. (Персиска)
Не се надевај на среќа, туку на самиот себе. (Авганистанска)
Среќата доаѓа во куќа кај што се слуша смеа. (Јапонска)
Среќата е божилак што никогаш не се гледа над своја куќа, но секогаш над куќи на други. (Германска)
Ако сакаш да бидеш среќен еден ден-напи се. Ако сакаш да бидеш среќен една недела-ожени се. Ако сакаш да бидеш среќен цел живот-одгледувај цвеќе. (Индиска)
Латински изреки
Среќата им помага на хабрите. (Audaces fortuna iuvat.)
Секој е ковач на својата среќа. (Faber est suae quisque fortunae.)
Не е среќен оној кој има што сака, туку оној кој не го сака она што го нема.
Домисла, гесло, мисла водилка
Среќата се наоѓа во човековиот карактер.
Махабхарата
Среќата е резултат на нашите правилни напори.
Махабхарата
За човек да постигне среќа, нека се заколне дека ништо нема да чуе, ништо да види и ништо да допре.
Махабхарата
Понекогаш можеме да се усреќиме себеси или да усреќиме други дури откако ќе се издвоиме од нив.
Јогини
Подредност на други е ропство; подреденост на самиот себе е среќа.
Ману на Смртта или Ману Самхита, староиндиски законик
Среќата никогаш да не те заведе, зашто така ќе остариш и разочаран ќе отидеп на другиот свет.
Анонимус
Рекле, издумале
Постои само еден начин да бидеме среќни-да живееме за други.
Лев Николаевич Толстој
За да бидеме навистина среќни потребно е само едно: да ги сакаме сите-и добрите и лошите. Сакај без престан и без престан ќе бидеш сречен!
Лев Николаевич Толстој
Среќните луѓе не гледаат на часовникот.
Александар Сергеевич Грибоедов
Среќен е мудриот човек оти во него ги обединува доброто здравје, доброто срце и уреден образовен дух.
Паоло Монтегаца
Навистина е среќен оној што е ведар, а да не е ниту млад, ниту убав, ниту богат, ниту ценет.
Артур Шопенхауер
Среќата им припаѓа на оние што сами на себеси си ја достигнуваат. Надворешните извори на среќата се несигурни и минливи.
Артур Шопенхауер
Да бидеш среќен не е ништо, да се сметаш за среќен е сè.
Џорџ Беркли
Среќата е таму кај што човек ја гледа.
Хенрик Сјенкјевич
Да се научиме јуначки да ја поднесуваме среќата.
Квинтиј Флациј Хорациј
Не сметај среќен друг, освен мудрец и добар човек.
Квинтиј Флавиј Хорациј
Чудно е колку малку треба да бидеме среќни, а уште почудно колку баш тоа малку ни недостига.
Иво Андриќ
Хрониката на среќните и мирните години е кратка.
Иво Андриќ
Најсреќен е оној човек кој направил среќни најмногу други луѓе.
Дени Дидро
Кога сме среќни секогаш сме добри, а кога сме добри не сме секогаш среќни.
Оскар Фингал Вајлд
Кога би сакале само да бидеме среќни, тоа би било лесно, но ние секогаш сакаме да сме посреќни од другите, што е обично тешко оти ние ги сметаме за посреќни отколку што се.
Монтескје
Како можеме луѓето да ги направиме среќни, ако не ги направиме морални и мудри?
Имануел Кант
Прави го она со што ќе станеш достоен да бидеш среќен.
Имануел Кант
Тајната на среќата се состои во тоа помалку да бараме од други, а што повеќе од себе.
Албер Жино
Нема смртник што бил целосно среќен!
Аристофан
Да бидеш среќен значи да бидеш ослободен не од болка или од страв, туку од грижи или од тегоба.
Вистан Хју Одн
Но, главно, калапот на среќата човекот го држи во своите раце.
Френсис Бекон
Среќните луѓе имаат еден недостаток од кој никогаш не можат да се ослободат: мислат дека несреќните луѓе самите се виновни за својата несрерќа.
Едмон-Пјер Бошен
Живеема на оваа земја за да ја бараме среќата, а не за да ја најдеме.
Габриел С. Колет
Ништо не е толку здодевно како среќата на другите.
Франсис д Кроасе
Вистинската и сигурна среќа многу повеќе е подарок на мислите и срцето, отколку подарок од надворешниот свет.
Јозеф Чапек
Најсреќен е оној за кого светот најмалку зборува, добро или лошо.
Томас Џеферсон
Луѓето имаат право само на толку радост и среќа, колку што им признаваат на другите.
Ернст Фојхтерслебен
Постојат три услови за човек да биде среќен: треба да биде глупав, себичен и со добро здравје; но ако не е исполнет првиот услов-пропаѓа сè.
Гистав Флобер
Ако луѓето не ти се восхитуваат или не ти завидуваат, ни ти не си среќен.
Јохан Волфганг Гете
Вистинската тајна на среќата е да бараме многу од себеси, а сосема малку од другите.
Албер Жино
Блазе му на сиромав без горчина и на богаташ без ароганција.
Хорхе Луис Борхес
Недма ниедна голема среќа без една голема измама.
Јован Дучиќ
Среќни се само имбецилите и слатките идиоти.
Труман Капот
Среќен го сметам оној што за да ужива не мора да прави неправда, а за да постапува праведно не мора да се одрекува од ништо.
Фридрих Шилер
За човек да сочува среќа, треба да биде среќен сосем тивко.
Алфонс Кар
Среќата или несреќата обично им иде на оние што веќе го имаат доволно едното или другото.
Франсоа Ла Рошфуко
Спрема среќата треба да се однесуваме како спрема здравјето; да уживаме кога е добро, да бидеме трпеливи кога е лошо.
Франсоа Ла Рошфуко
Среќата се чини слепа во очите на оној што го одминала.
Франсоа Ла Рошфуко
Човек никогаш не е онолку среќен ни онолку несреќен како што мисли дека е.
Франсоа Ла Рошфуко
Кој среќата ја ужива сам, нека и солзи пролева сам.
Симон Грегорчич
Среќата побрзо ќе ја стекнеш отколку што ќе ја задржиш.
Публилиј Сириј
Сакаш да ја знаеш тајната на среќата? Живеј далеку од лоши другари.
Мохамед Шамсед-Дин Ширази Хафиз
За да биде човек среќен му треба тело на еден атлетичар и дух на еден мудрец.
Франсоа Мари Аруе Волтер
За среќа има правила зашто за паметниот не е сè случај.
Балтазар и Моралес Грацијан
Не ја оптегнувај нагло стрелата која никогаш не се враќа! Лесно е среќата да се разурне, но е мошне тешко да се врати.
Јохан Готфрид Хердер
Среќата своја држи ја со стиснати раце, зашто е мазна.
Квинтиј Курциј Руфус
Среќата се состои во тоа да ги запознаеме своите граници и да ги засакаме.
Ромен Ролан
Среќата е најсурово оружје во рацете на времето.
Пол Валери
На среќните луѓе им умираат непријателите, на несреќните и последниот пријател.
Николај Александрович Некрасов
На среќните не им е дадено да сфатат туѓа болка.
Халемунд Аугуст Платен
Среќата ќе ја постигнете кога ќе решите за неа да се борите.
Хектор Дарвил
Колку порано ќе сфатиме дека нашата судбина лежи во нас самите, дотолку подобро за нас. Среќата можеме да ја најдеме само во себе; не треба да се бара во други, зашто никој ја нема во изобилство.
Алекс Мартин Фредерик Мунте
Мана на среќните е тоа што за несреќните мислат да се такви со своја вина.
Жак Гин д Бошен
Да се опише среќата, значи да се намали!
Анри Бејл Стендал
Ништо не е потажно од задоцнета среќа.
Иван Тургењев
Среќата на човек не се менува. Таа само го демаскира.
Мадам Некер
Ако сакаш да бидеш среќен, промени го своето мислење.
Роберт Мајнард Присиг