Вишен на Блажена:
-Она што секако го знаеш за задоволството, Блажена: многу човечки задоволства се малубројни, а малку се многубројни; и ни за задоволствата ни за незадоволствата не постои една дефиниција затоа што едни за едни се тоа, други за едни не се, исто како што едни за други се, а други за други не се.
Блажена на Вишен:
-Да, тоа го знам. Јас уживам во мали и ситни задоволства. Некогаш ме плашат големите и крупните. За мене мало или ситно задоволство е она што ми го спокои секојдневјето, а големото или крупното што ме предизвикува или ме предупредува.
Вишен на Блажена:
-Нерадо мислам и зборувам за незадоволството. Најмногу затоа што не дозволувам тоа да ми го нарушува континуитетот на создавањето на што-годе. Знам дека тоа е постојано во творецот, значи е поттикнувачко, но знам и оти може да доведе до исцрпеност, па и до самоуништување.
Блажена на Вишен:
-Но, и тоа е дел од природата на човекот. В ред…Ќе одбегнуваме колку можеме да мислиме и зборуваме за незадоволството.
Вишен на Блажена:
-Засега имам доста испишано за задоволството и сосем малку за незадоволството во мојата „Жива мисла“; и инсистирам што поскоро да го достигнеме нашето најголемо задоволство-да осмислме наше време во кое ќе вградиме дел од моето и твоето:
Слободен и задоволен-задоволство во слобода.
Задоволството како дел од нашата природа. Не од против друго, ниту како резултат на сопоставување на некое незадоволство.
Секој нов момент на задоволство различен од сите постојни и познати.
Платеното задоволство не е задоволство. Тоа е потврда на немоќ или неисполнетост.
Задоволството и грижите најчесто се наспоредни во секојдневниот живот.
Не им подлегнувај на ниските задоволства. Лесно и брзо ќе те заробат во својата безначајност.
Доволноста и задоволството се обусловени.
Задоволен си од себеси? Нема напредок со тебе.
Задоволството и незадоволството се судираат на крај без почеток.
Некои наши задоволства често ги изедначуваме со некои наши патила.
Ако меѓу две незадоволства не најдеш некое задоволство, тоа значи дека се трошиш бесцелно.
Личните задоволства се исполнување на личноста.
Можно ли е задоволство од незадоволство? Не. Можно е пред него или под него.
Задоволствата се секогаш изброени и ограничени.
Човек без задоволства не се остварува себеси како човек.
Не знам дали е подобро да си задоволен одошто незадоволен, но знам дека незадоволството го поттикнува човекот да бара задоволства. Тоа е најдокажливо во творештвото.
Биди задоволен со колку што имаш, сè додека не стекнеш повеќе со што ќе бидеш задоволен.
Богат е задоволен со она што го има, а бедниот е беден со исто.
Задоволствата најчесто кријат незадоволства во навиките.
Задоволно срце вљубено.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 8