Продираш пробиваш длабиш
од рано утро
во мрачна мразна тишина
громогласно
во земја
во камена планина на небо
до подземни и надземни води
до понорници и води
недогледни.
Продираш пробиваш длабиш
со свои корени свои плодови
свои семиња
еднакво со свои семиња
свои плодови и свои корени
до извор сончев кој оплодил
говори жизнени благородни.
Длабиш сè подлабоко
пробиваш сè поупорито
продираш сè понезапирно
за конечно
како вечно продолжување
да откриваш нови светови
со мртви преживеани и живи
народи.
Длабоко подлабоко најдлабоко.
КАМЕНОМ НЕБО, Стаменост, апстрактна поезија/игриви песни, 62