Дијалог: наука- човек

Потребно време за читање: 5 минути

Човекот отсекогаш се грижел не само за сопствениот, личниот опстанок, туку и за егзистенцијата на неговата заедница, за перспективата на просторот во кој ги остварува смислата и содржината на сопственото постоење. Тој отсекогаш бил во еден мошне специфичен и комплексен дијалог со природата околу него; да ги користи сите нејзини ресурси-богатства, корени, стебла, плодови, извори, изгреви и залези; да ги менува со нејзина согласност или против неа. Едновремено, свесно или несвесно, да се менува себеси; да се хуманизира или, напротив, да урива, да го уништува сето она што го создал тој самиот или друг за него, што му го создала природата.

Постојаниот дијалог со природата човекот го остварува токму со свеста, самоконтролата, со сите вредности што го градат и бранат неговото достоинство, ја градат и бранат вредноста на неговата личност, на неговиот личен интегритет. Спротивно, не е дијалог со природата човековата неспособност да владее со себеси, едновремено да не соработува со неа, да не уништува и разградува сѐ што му го забрзува неговото чекорење кон себеуништување.

Ваквиот специфичен и мошне комплексен дијалог на човекот со природата не бил, не е и не може да биде возможен без најголемата и никогаш задоволена потреба на свеста: знаењето.

Што е знаењето? Дали воопшто има потреба од негово дефинирање? Колку човекот е свесен за неговата моќ, за квантитетот и квалитетот на се она што го стекнал досега како сознание и искуство? И не е ли токму во тоа вредноста и моќта на знаењето?

Постојат многу дефиниции за знаењето. Од најопшти до најконкретни, според функцијата што ја имаат во одделни области.

Филозофската мисла знаењето го третира како резултат на човековото сознание и вистинитост на некој суд или на судови. Притоа, дилемата е токму во ваквата негова „двојност“: дали може да се прави разлика помеѓу сознанието и знаењето, дали ја има, и која би била таа? Едни тврдат дека не постои суштествена разлика, истакнувајќи дека сознанието е дејност или процес, а знаењето резултат на тој процес. Други, пак, го тврдат спротивното, имено дека за знаењето не зборуваме секогаш кога некој нешто вистинито тврди, туку само кога оној што тврди е сигурен во вистинитоста на тоа што го тврди и наедно има право да биде сигурен во тоа.

Како и да е, кога говориме за знаењето како темел на сето она што го придвижувал напредокот на човекот и човештвото, како темел на науката што го придвижува животот напред, го богати неговиот светоглед, ја овозможува неговата перспектива, треба да имаме на ум дека поимот на знаењето му се спротивставува пред сѐ на поимот незнаење, но и на поимите мнение и верување.

Колку човекот го збогатувал своето знаење, толку успевал да ги совладува деструктивните сили на природата. Ја зголемувал способноста да ги користи нејзините благодати, богатства, плодови, да владее со неа. Спротивставеноста, судирот, напати и војната помеѓу природата и човекот отсекогаш била, е и ќе биде предизвикана од човековото незнаење: како на најдобар и најцелисходен начин да се користат и употребуваат нејзините „готови производи“, како да се преработуваат и прилагодуваат нејзините богатства, материјали; нејзиниот камен, нејзината земја, нејзината вода, нејзиниот простор и нејзиното време. И токму во тој постојан напор да се совладува незнаењето, постојано да се богати човековата свест за вредното и естетското, за светлото и темното, за сегашнината и иднината, е суштината на науката.

Науката пред се претставува систематизирано знаење, а потоа способност на човекот да ги забележува и објаснува појавите и процесите во природата и општеството, но едновремено и да владее со нив. Всушност, станува збор за сума на знаења и сознанија што го збогатуваат човековото искуство. Тие, пак, користени, применети во практиката, му овозможуваат тој да се потврдува себе си како свесно и општествено битие и го поттикнуваат на се нови и нови напори во потрага по нов простор за животот и нова содржина на времето. Науката, како вкупност на систематизирани знаења на човекот, претставува и посебно, автономно подрачје на човековото искуство, а таквото нејзино дефинирање ја овозможува и нејзината класификација што, од друга страна, овозможува и нејзино полесно разбирање. Особено на значењето и функцијата што таа ги има за напредокот на човештвото воопшто.

Првата класификација на науката, која и во овие наши модерни времиња има своја валидност и респект како важечка шема (се разбира, со нужните корекции што ги наметна и постојано ги наметнува самиот нејзин развој), ја дал големиот филозоф Аристотел. Сите научни сознанија тој ги класифицирал во практични, теоретски и „поиетични“; практичните се оние што се однесуваат на човековите дела како поединец или член на општествената заедница-етиката, економијата, политиката; теоретските според формалниот предмет се делат на математика, физика и мефатизика; а поиетични, пак, се оние што кореспондираат со вештината на човекот, како што се уметноста и техниката.

Како што се развивала науката, така и нужноста од класификации на нејзините конкретни области и резултати предизвикала бројни поделби според најразлични критериуми-според предметот, методите, целта и слично. Најпопуларна, што ќе рече најприфатлива за основно, суштинско сознавање на нештата и во нашево време, е поделбата на природни и општествени науки.

За настанувањето на науката може да се говори опширно и со многу детали. Обично се почнува со она што неа ја овозможило, пред се мошне долгиот и постепен развој на физичките и умствените способности на човекот, развојот на неговата култура, општествената организација и, во нејзини рамки, организацијата и развојот на техничките средства на трудот и неговата општествена поделба, како и ослободувањето на духовните фактори на напредокот од заробеноста со религиозната свест. Овие услови најнапред се остварени во древните цивилизации на Исток, Египет и Вавилон. Гигантските работни зафати не го поттикнале само развојот на техниката, туку и развојот на знаењето за општите правила на тие техники; математички постапки, астрономски знаења итн.

Модерната наука е родена со обновата на науката во ренесансата, кога освен теоретската се развива и другата битна компонента: практичниот интерес и техничките решенија. Овој период од историјата на науката се смета за многу значаен бидејќи јакне економската моќ на општеството, а која е поттикната со ширењето на трговијата и развојот на индустријата. Тогаш се случуваат и големите откритија во астрономијата и металургијата кои ја овозможиле модерната хемија наместо алхемијата. Ги бележиме големите откритија на Галилеј, Коперник, Декартовите математички анализи.

Меѓутоа, дури со граѓанските револуции во 17-от век се валоризира новата општествена функција на науката, со наглиот развој на хемијата, науката за електрицитетот, термодинамиката. А изумите, како што е парната машина на Џемс Ват, ги поставуваат темелите на индустриското наспроти дотогашното мануфактурно производство, односно се случува преминот од феудализмот во капитализмот. Постапно се зголемуваат и прошируваат можностите за искористување на научните откритија-хемијата во аграрното производство,производството на храна и фармацевтската индустрија, физиката во користењето на нови извори и пренос на енергија, како и електромагнетизмот во најразновидна употреба, во стопанството, медицината и други области.

Од половината на 19. век огромен напредок доживува биологијата со револуционерните откритија во подрачјата на експерименталната физиологија, микробиологијата и имунологијата, а со Менделовите откритија експерименталната генетика. Таа наука му се доближува на типот „фундаментални истражувања“.

Може да се изведе општ заклучок дека модерниот период на науката е примарно одреден со физиката, особено со откритијата на Њутн, но и со биологијата, посебно во врска со општите теоретски сознанија на Дарвиновото учење за еволуцијата, што се му овозможува на човекот нова слика и ново разбирање на светот.

Развојот на науката низ 19. век отвори сосема нови подрачја и проблеми на истражување, особено во функција на развојот на индустријата и просперитетот на општеството воопшто. Во тој нов развоен тренд посебно место заземаат физиката и хемијата; во физиката откритијата какви што се обединувањето на електрицитетот и магнетизмот, одредувањето на константи во електромагнетското мерење и брзината на светлината; а во хемијата на пример откритието на структурата на органските споеви, периодичниот систем на елементите.

Во 20. век се случува двоен процес: продолжуваат истражувањата и резултатите во подрачјата што се главно поставени во „златното доба“, но продолжува и процесот на ревизија на низа претстави и сознанија на класичната наука. Големите постигања во физиката, хемијата, биологијата , биофизиката, биохемијата, електрониката, телекомуникациите итн., го актуализираат основниот проблем назанчен во насловот и концепцијата на овој прилог: односот на науката спрема човекот и општеството, хуманизацијата (моќта на науката во поттикнувањето, развојот и искористувањето на воената индустрија, еколошките проблеми и сл.).

Главниот заклучок што се изведува од секое промислвуање за науката и нејзината функција, односно употребната вредност за човекот, за нејзиниот развој и развојот на човештвото воопшто, е следниот:

Иднината на науката не може да се поврзува со друго, освен со остварувањете на хармонија помеѓу човекот, природата, технолошкиот развој и сопствените индивидуални вредности и дострели. Во организирано, рационално, слободно, демократско, модерно, граѓанско општество.

 

Leave the first comment