Девојче и танц со снегулки

Потребно време за читање: 2 минути

Девојче ми раскажува весело:

-Знаеш дедо, јас ги сакам сите годишни времиња. Ги научив нивните предвесници: кокичињата дека иде пролет, сè потоплите изгревања на сонцето значат почнување на лето,  паѓањето на лисјата на дрвјата дека е есен на прагот, а предвесници на зима сè…Знам дедо, секој нов ден е постуден и трае пократко, дуваат студени ветришта, мрзне земјата и…

За мене зимата не е зима без снег. Не, не мора да е нејзин предвесник, не мора да наврне многу во ден-два, ниту снегот да биде тамам за нас децата, за тепање со снежни топки, санкање, скијање. Јас почнувам да ѝ се радувам на зимата кога ќе здогледам како од небото почнуваат да паѓаат први снегулки… Сè уште ги чекам годинава, да ги здогледам од прозорецов на мојава соба, да истрчам надвор и да ја заиграме заедно мојата игра.

Го потпрашувам зачудено:

-Твојата игра?! Ти имаш своја игра со снегулки?!

Ми одговара убедливо:

-Да, да, јас си имам своја игра со снегулките. Ја играме заедно секогаш кога почнуваат да паѓаат наутро, дури е ден или навечер. Поготово кога долго не престануваат да паѓаат…Не знам дали е единствена, дали е иста со игрите на другите деца, ама знам дека со радост ја играме јас и снегулките…Иста ни е секоја година.

Ја поттикнувам да продолжи:

-Ќе ми ја раскажеш?

-Радо, дедо…Штом ќе здогледам од прозорецов на мојава соба како почнуваат да паѓаат снегулки, се облекувам да не ми студи и истрчувам надвор.

Прво оставам снегулките да ми паѓаат на лице. Им се смеам весело,  ги пружам и ширам рацете обидувајќи се да приберам во моиве пазуви што повеќе од нив. Потоа оставам една по една да паѓаат и да се топат на моите дланки…Најпосле го почнуваме нашиот заеднички танц во воздухот.

Јас пак зачудено:

-Танц во воздухот?!

Девојчето  одушевувачки:

-Да, да…И токму танцот е тој што ја прави мојата игра со снегулките единствена. Како танцуваме? Многу е  едноставно. Снегулките паѓаат сè погусто, стануваат сè поголеми. Се фаќаме за раце, па почнуваме да танцуваме едни до други и едни во други. Се фаќаме за раце и танцуваме не чекајќи тие да се стопат на моите дланки…Рацете ми се крилја…И летаме и летаме…

Му велам весело:

-Девојче мило, ќе излеземе надвор да ги дочекаме снегулките?

Тоа сомничаво:

-Мислиш дека им е време да почнат да паѓаат, дедо?

Јас:

-Јас мислам дека само што не почнале.

Тоа:

-И ти ќе играш?…Рацете ќе ти станат крилја…И ќе летаме и ќе летаме?

Јас со широка насмевка:

-Се разбира. Јас сум стар, ама уште имам сила да летам со деца и снегулки.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи