Дамна

Внатрешни содржини

Под студен камен легна сенка
без свој човек дамна,
та почина оти немаше кому
да му ги раскаже и прераскаже
своите приклученија до смртта;
притоа докажувајќи си
дека обессилена не може
да најде друг
за свој човек дамна.

Нејзини тајни знаци доведоа
пустиножител дамна
до местото на каменот
кое му беше сосем по мера
на неговото испосничко тело,
та успеа некако да го помрдне,
да го тргне и да го турне
во ничија бездна.

Се обиде да легне во земјата
пустинска,
откриена дење на сонце,
ноќе на ѕвезди и месечина,
но сенката почината во неа
без свој човек дамна
го предупреди на дамна
откриената вистина
дека никој не може
без своја сенка од раѓање;
а ако во меѓувреме
ја изгуби од небрежност,
ќе мора макар пред своја смрт
да пронајде друга, како неа
почината без свој човек дамна.

Коските на пустиножителот,
голи дење на сонце,
ноќе на ѕвезди и месечина,
сведочат за постоење дамна
без свои тајни знаци,
сè додека јас дамна во беспатје
не останав без својата сенка
и не најдов свој студен камен
под кој да починам.  

Прочитај и за ... >>  Многу тишини

ВНАТРЕШНИ СОДРЖИНИ, Пустелија, поетска студија, 10

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.