Црни и модри облаци

Потребно време за читање: 2 минути

Надоаѓаат со денови и ноќи, веќе со месеци. Веќе не се памети кога почнаа да го покриваат неговото небо станувајќи сè поблиски, влегувајќи еден во друг, втопувајќи се меѓусебно, а сонцето, а месечината и ѕвездите сè потешко ги пробиваа со своите зраци и сјај. Се движеа ту забавено, ту забрзано, како да минуват кон некоја друга цел.

Помислуваше дека се дел од невреме кое нема да трае предолго, по време во кое како да се будеше и заживуваше сиот негов свет. Помислуваше и дека станува збор за невреме кое ќе трае долго, може предолго, со којзнае какви последици. Гледајќи ги и броејќи колку се црни, а колку модри, како стануваат сè поцрни и сè побројни, најмногу му се наметнуваше помислата дека неговото небо скоро ќе го снема или ќе му се наметне некое друго, нему туѓо и непознато.

Во последниве неколку деноноќија стануваше сè потешко да се разграничат црните и модрите облаци. Со други зборови, црните стануваа сè понасилни, сè посилно навалуваа на модрите. Како да успеваа да ги надвладеат, и нив да ги направат црни. Не се прашуваше зошто се едните црни, а другите модри. Сè повеќе во него растеше сомнежот дека во себе содржат различни минати и сегашни невремиња, кои заедно со идни скоро ќе се истурат врз него и ќе го доведат под прашање неговиот опстанок сосе негово небо како небосклон.

Дали црните и модрите облаци му ја наметнуваа смртта како исчезнување на живот или како ништење на животворноста на сончевите зраци и на сјајот на месечината и ѕвездите? Што ако е и едното и другото? Во врска се со неговите години? Тоа е неприфатливо. Годините се само дел од минливоста на животот, но не и на несопирливо приближување на смртта.

Теофил Михајлоски е сè повеќе загрижен за своето небо како небосклон. Црните и модрите облаци стануваа сè погусти, едновремено сè повеќе натежнувајќи еднакво врз земјата и во него.

Не му беше верно дека несетно ги придвижуваат, ги довејуваат силни северни ветришта.    

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 16