На големо изненадување на неброени разновидни змии собрани во змијарник, човек непоколебливо, бестрашно и решително влегол да го расчисти. Да ги испофаќа и затвори или да ги натера да фатат џенем. Како нивна прва реакција, змиите се собрале во круг околу него. Се издвоила една од нив, му дошла на дофат и му се обрнала:
-Што ти станало, човеку, па си решил да го сотреш нашиов змијарник сосе нас?! Свесен ли си на какви животни опасности се изложуваш? Сите противотрови на светов не ќе можат да ти го спасат животецот од отровните змии меѓу нас, а и неотровниве ќе те испокасаат до смрт.
Човекот ѝ одговорил со строг и заканувачки глас:
-Слушни што ќе ти речам, змијо низаедна! Дури бевте во поднослив број за луѓето како мене и не излегувавте од змијарников, не им пречевте на луѓето како мене-чесни, надежни, перспективни. Се разбира, ценејќи го вашиот придонес за рамнотежата на живата природа. Меѓутоа, вам како да ви е сè малку и помалку-просторот, природното и неприродното богатство на народот, па не само што станувате сè подолги и подебели, ами лека-полека ја презедовте власта во свои раце, пчочнавте да страховладеете аздисувајќи, рекетирајќи, корумпирајќи, крадејќи, растурајќи, убивајќи и мало и големо во поим, Веќе претеравте, прекуглава сте ни, нè направивте ваши зависници во сè. Не може тоа така. Доста е!
Змијата што му дошла на дофат му дала совет со помирувачки тон:
-В ред, нека е така како што велиш. Змијарников и нам ни стана мал, тесен, па почнавме меѓусебно да се бориме за свое што поголемо и што пошироко место под сонцето. Не ни е лесно. Само што не сме почнале да се сотираме меѓусебно. Ај да се договориме: јас ќе се договорам со змииве да фатиме џенем, за тоа ќе ни треба малку повеќе време, може месец, два, три, може година, години, може и деценија, а ти и луѓето како тебе да да нè потрпите. Знаеш дека змија не каса и не напаѓа ако не е загрозена, ако не се најде во животна опасност. Одложете го расчистувањето со нас, особено не непоколебливо, решително и жестоко. Што се вели народски, замижете на едно око, а најособено кога е збор за нашето страховладеење, аздисување, рекетирање, корумпирање, крадење, растурање, убивање и така натаму и така наваму. Бидува?
Човекот одговорил без размислување:
-Не доаѓа предвид! Веќе не трпиме ни миг! Крајно време е да се ослободиме од вас и од вашиов змијарник. Ти предлагам, змијо низаедна, само едно: да вратите сè што испокрадовте од народот, да се покаете доброволно предавајќи ѝ се на правдата и одговарајќи пред законот, а ние нема да ги гониме или бараме оние змии што ќе успеат да се сокријат; особено оние што ќе фатат џенем.
Што се случило потоа? Според една легенда, луѓето со многу жртви и саможртви успеале да го расчистат змијарникот, да го срамнат со земја. Притоа биле испофаќани многу змии и змивчиња, а некои од најголемите, водечките, мафијашките и што биле на власт успеале да се сокријат или да фатат џенем. За жал, со непредвидени и предвидливи последици поради тоа што не го вратиле украденото азно. Го однеле со себе или го сокриле незнајно каде.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 27