Се договориле човек и полжав да тргнат на пат заедно. Патот што го избрале бил долг, кривулест, низ планини, низини, живи и мртви земји, а водел до живот во чиста средина. Кога во договорено време, ден и час се нашле пред тргнување, полжавот го предупредил човекот:
-Човеку, драг пријателе, гледам на грбот носиш тежок ранец. Во него веројатно си собрал сè што можело да се собере. Дали и сè што мислиш дека ќе ти треба или може да ти затреба?
Човекот одговорил:
-Се разбира, сè што можев да соберам во него, а притоа тежината на ранецот брзо да не ме преумори. А ти полжаву, драг пријателе, како секогаш. Никогаш нигде не одиш без куќичката на грбот.
Полжавот го поправил:
-Не куќичка, туку куќа. Најважно е оти и таа и сè во неа ми е секогаш сосем доволно. Познато е за нас полжавите: сè мое носам со себе.
Тргнале на патот. Само што минале неколку метри, човекот застанал и седнал на еден крајпатен камен да почека полжавот да го стаса. Се знае дека полжавот во однос на човекот е многу бавен. Како желката.
-Полжаву, драг пријателе, вака никогаш нема да стасаме на целта. Ти бавен, просто се влечкаш на патов, јас пребрз за тебе…
Полжавот се мислел некое време, па му предложил:
-Мое мислење е дека ти имаш проблем не со брзината на ôдот, туку со товарот на грбот. Јас едно знам: не се тргнува ни на долг ни на краток пат со ранец кој го собира само неопходното, а не сè твое…Ти предлагам на твојот грб заедно да изградиме куќичка како мојава. Така ќе си ги изедначиме тежините и ќе одиме во чекор, еден до друг кон новиот живот со наше заедничко време.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 22