Забележливи се две разлики меѓу речни, езерски и морски брегови: речните многу побавно го следат движењето на животот на првите одошто на вторите и третите; додека вторите и третите во најголема мера го разграничуваат водниот од земскиот свет, а првите поначесто навлегуваат во мирни или отстапуваат од надојдени води. Обете разлики му ја покажуваат на секој пред нив или на нив својата животност од една, и зависноста од водата од друга страна.
Езерските и морските брегови и по должина и по широчина релјефски обично се поразновидни од речните; порамни или пострмни, покаменити или попесочни, понемирни или поспокојни. Дали на тоа влијае човекот? Се разбира, и тоа многу повеќе на речните одошто на езерските и морските.
Брегов на кој стои човек што се двоуми дали да се нурне во водата и да им се препушти на нејзините бранови и длабини, веќе долго време не може да согледа дали е тој речен, езерски или морски. Тоа му е важно? Многу, ако се знае дека има намера што побрзо да стигне на другиот односно спротивниот брег.
Брегов, на кој стои човек што се двоуми, од пред некое време е и пострм и покаменит и понемирен.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 126