Боите во куќниот амбиент

Потребно време за читање: 3 минути

Боите во станот можат да бидат показатели на тоа дали сте вие некој кого го интересира само практичната или, пак, и естетската функција на предметите. Исто како кога, со задача да купите сијалица, би се нашле во продавница и би рекле: „Ма, важно е само ние да обезбедиме светлина“.

А можете да знаете и каков модел навистина ве интересира! Можете да знаете кои бои се во палетата на вашата личност!

Предметите и ѕидовите во вашиот стан веќе сами по себе имаат одредена боја, било да е тоа бела боја на вар, боја на дрво или производство на бои. Како такви, тие имаат свои улоги: да ве оградат, на нив да седите, по нив да се движите итн. Исклучиво од вас зависи дали ќе му отворите врата на еден сосема нов простор кој ќе ви ја буди фантазијата или ќе се определите за простор во кој фантазија не ви треба.

Влијанието на боите врз човековата психа е веќе добро познато и не е занемарливо. Така, зелената боја и нејзината директна асоцијација на лисје и природа ќе бидат „здрави за очи“, умерената црвена ќе ве поттикнува на динамичност, сината ќе ве смирува, додека црната боја, искористена неконтролирано, може да има лош ефект, создавајќи мрачна и безнадежна атмосфера. Сличен е случајот и со прекумерната употреба на белата, која во тој случај асоцира на стерилно, болничко, официјално.

Се разбира, при бојосувањето на ѕидовите водете сметка ѕидот на кој паѓа светлина да биде во светла боја, зашто сте во спротивно на капијата на депресивен амбиент.

Примерот на сијалицата, која е функционална и кога е бела, а создава многу поведар, потопол и поинаков свет кога е портокалова, пренесете ја на просторот и предметите на целиот стан-и ќе сфатите: понекогаш е доволна и сосема мала адаптација за нешто да се рече дека е креација.

Секое преуредување може да почне од боите. Кај изборот на нов изглед на вашите ѕидови се препорачува боја за нијанса посветла од мебелот. Тапети со богати, силни бои се одлични за претсобјето, било да е тоа мало или големо. Елегантните тапети исто така можат да бидат интересни (иако во последно време не се актуелни). Ако се решите за неутрална боја, таа може да биде одлична заднина за стилски мебел. А можете да купите тапети што ќе ги ставите во уште некоја просторија во станот.

Кај малите претсобја, освен на боите со кои ќе го отворите просторот, треба да се внимава на поставувањето на еден детал во средината, како и на што подобра организација со која ќе осигурате добра искористеност.

Бојата на тапетите, ѕидовите и мебелот мора да биде во согласност зашто таа ја менува атмосферата. Добриот избор влијае врз визуелниот ефект и може да го залаже окото, така што просторот да делува поголем отколку што е. Пастелните, светлите бои ќе го направат повисок. Темните бои, како зелената и црвената, ќе го намалат. Исто така, во тренд е и облепување со тапети само на еден ѕид.

На нашиот пазар постои голем избор на разновидни тапети, а ви претставуваме некои:

-основните хартиени тапети се мазни и се поставуваат пред варосување за да се обезбеди мазна површина; можат да се бојат, отпорни се и лесно се лепат;

-обичните хартиени тапети не можат да се мијат, па не се подобни за кујни, детски соби и ходници;

-хартиените тапети што се мијат се згодни за бањи и кујни зашто се заштитени со проѕирна фолија, но токму поради тоа и потешко се вклопуваат;

-рејлефните хартиени тапети се подобни за оштетени ѕидови, лесно се лепат зашто не се растегнуваат, а можат да се бојат со дисперзивни бои;

-пластичните тапети се погодни за кујни, бањи и детски соби; лесно се чистат, можат дури и да се рибаат;

-тапети од ткаенини се мошне раскошни; на ѕидовите се лепат и се прицврстуваат со рамки;

-постојат уште и тапети од стаклени влакна, направени од природни материјали како што се кварцно стакло, сода, вар и доломит; тие се отпорни на прав, а можат и да се мијат; лесно се прилагодливи, така што можат да се поставуваат на речиси сите површини; не гнијат и се отпорни на влага;

-потоа, тука се и течните текстилни тапети кои, освен функцијата на топол изолатор, ја подобруваат и акустиката на просториите; добро се прилепуваат на сите подлоги; лесно се чистат, а нивна предност е што се нанесуваат на ѕидот со валјак, според системот „направи сам“;

-фото тапетите се дефинитивно нешто што ги следи постојните трендови; слики од природата, уметнички слики, детски мотиви, животни и слично, во различни димензии, можат секако да се најдат во вашиот амбиент.

Меѓутоа, кој мотив, боја или форма на тапети ќе изберете, најнапред зависи од просторот кој на овој начин сакате да го промените, да го обновите или едноставно да го освежите.

(Користени повеќе прилози објавени на Интернет)

Leave the first comment