73. Кога сум јас и Јас книжевник и Јас обичен смртник:
Повлекување
Со годините и повлекувањето. Сосе однесувањето, расположбите, промислувањето, мислите и ставовите; сосе навиките, стереотипите. Со сѐ подносливо и неподносливо за едни, за други.
Кое? Какво повлекување?
Секакво!
Прво како тргање настрана, од видокругот на блиски, на далечни, за да не им пречиш, за да не ти пречат.
Потоа никому да не му се јавуваш со денови, со недели, а исто така со денови, со недели никој да не ти се јавува. Едноставно, зашто нема потреба. Да, може само близок одвреме-навреме дека те мисли; колку да те праша за здравје и расположение; да не имаш некоја потреба, да не ти фали нешто; да ти достави или да најде свое слободно време да ти донесе. Можеби најважно: тој близок е искрено загрижен поради твојата повлеченост оти знае или претпоставува дека, без оглед на доброволноста, таа не е, ниту може да биде лесна, едноставна, непроблематична од една; а од друга страна влијае, напросто како рѓа го нагризува здравјето помеѓу немоста и зборувањето сам со себе.
Потоа да повлечеш црта и да си речеш „Доста беше“, притоа мислејќи на вака или онака досега, а поинаку отсега. Како поинаку? Секако сам со себе, во себе, сам за себе. Не за да се испитуваш себеси, да се преиспитуваш, туку за да воспоставиш нов ред во живеачката колку што ти е пишана, според силата, снагата, умот и разумот. Можеби најважно: да повлечеш црта за да бидеш зад неа, веќе никогаш пред неа.
Потоа да се повлечеш во обграден простор сосе обградено време. Најнапред во простор, најсетне во време. Обграден со колку може повисока камена, бетонска, железна, лимена, жичана, жива, мртва ограда. За да не може никој да ја прескокне, никој да влезе, да те вознемири, спокојот да ти го разниша. Се разбира, му отвораш висока порта на сосед, на пријател, ама само кога самотијата ќе ти навлезе во сонот или со неа, од неа ти е сѐ потешко да заспиеш. Можеби најважно: бидејќи обградувањето на просторот е сосе време, не дозволуваш ни со заеднички молк да ги освои, туку ако треба отворено му кажуваш дека е доволно, напросто му наредуваш да си замине.
Потоа се повлекуваш во себе, дури по цена да ги прекинеш сите контакти што си ги имал, кои ти биле неопходни во политиката, бизнисот, во дејствувањето. Не се дружиш со познајници и пријатели, изнаоѓаш секакви изговори да ги одбегнеш дури и дружбите кои по ниедна цена не си ги пропуштал. Едно затоа што веќе не ти се потребни, а друго поради сознанието, некогаш поразително, дека никому не си му потребен, особено корисен. Да, постапно, не наеднаш си станал невлијателен, неавторитетен, од кого ништо не зависи. Повлечен доволен на себеси? Па, не сосема, а повеќе принуден да го прифатиш тоа како неминовност следствено на годините, стареењето. Можеби најважно: повлекувањето во себе е секогаш речиси без исклучок проследено со сѐ поголемо рамнодушие. Особено ако дотогаш си стекнал голема почит, но не си добил никакво признание.
Тргнувам од себеси:
Само творецот не се повлекува кога се трга настрана за да не пречи, да не му пречат; кога никому не му се јавува со денови, со недели, а исто така со денови, со недели никој не му се јавува зашто нема потреба; кога повлекува црта; кога се повлекува во обграден простор сосе обградено време; и кога се повлекува во себе, дури по цена да ги прекине сите контакти што ги имал, кои му биле неопходни.
Тој никогаш не се повлекува сѐ додека создава.