БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

80. Паметењето и заборавот

„Според што ќе го паметите него?“

Хм, чудно! Најнапред, зошто паметење? Потоа, зошто сугерирање на селекција (не според сѐ)? И зошто се сугерира дека тој не е за заборавање, дека не треба да му се препушти на по животот неминовното по некое време-заборавот; како секој обичен, едноставен човек и создавач на непризнаени дела? Ниту додека бил, ниту додека е, а според аманетот што го оставил веројатно нема да биде откога ќе замине во неврат? (Да не заминал веќе?!)

Секое паметење е според едно нешто, доколку нема повеќе. И штом вака некој мене ме прашува, значи дека го знам. Којзнае, можеби сум го познавал, а уште имал, направил или оставил нешто според што можеби сум го запаметил.

Ме поттикна да се потсетам и да си го дополнам знаењето за паметењето и заборавањето. Пред сè како процес на усвојување, задржување и користење на информации.

Суштинско:

Станува збор за чување на информации-меморирање, за обработка и користење. Од трите фази на паметење (сензоричко, краткорочно и долгорочно), во врска со прашањево најзначајно е долгорочното.

Човековото паметење има неограничен капацитет, а околината и чувствата влијаат на она на што се сеќаваме. Научниците сметаат дека мозокот всушност архивира сѐ, но не на така едноставен начин како што на пример функционира компјутерската меморија. Меморијата или паметењето е способност да се задржи во сеќавање она што сме го научиле или доживеале.

Научниците дошле до заклучок дека постојат неколку вида паметење: семантичко (семантичкото содржи трајни знаења за светот во кој живееме), епизодно (информации за специфични настани во контекст на други настани во животот на лицето), експлицитно или декларативно (она што обично се подразбира под паметење-опфаќа факти, поими и идеи имплицитно) и имплицитно или процедурално (дејствија што се обавуваат автоматски и се базираат на имплицитното паметење-во него се бележат и травматските доживувања, вознемирувачките емоции, непријатните телесни сензации).

Заборавањето се изразува како неможност за репродукција или препознавање. Главната причина за негово пројавување се смета дека е меѓусебното попречување или судирање на стари и нови информации.

Треба да се потенцира мотивираното заборавање или потиснување кое се јавува како базичен механизам на одбрана. Тоа се состои во исфрлување од сеќавање на сите оние непријатни доживувања и претстави што се поврзани со забранети желби, како и во спречување тие да се појават во свеста.

Белешкава не е посветена на мошне комплексната проблематика на паметењето и заборавањето, што би претставувала само почеток на мал или голем есеј, туку се однесува на „конкретна проблематика“: паметењето односно заборавањето на творецот и неговото творештво односно дело; како два паралелни континуирани и долготрајни процеса, но едновремено и како самоспознание.

Суштинскиот проблем непосредно поврзан со времето на творецот, како и споделеното сегашно и идно време со други, доколку го поставуваме како таков, е нееднаквоста на траењето на паметењето и заборавот. Поточно, забрзаното заборавање како спротивно или противречно на паметењето. Што еднакво се однесува на авторот и неговото дело. Нерешлив? И е и не е, бидејќи е секогаш индивидуален-помеѓу творецот, отвореноста на неговото дело (не секогаш како недовршеност или за продолжување) и восприемачот-консументот.

Зошто проблем забрзаното заборавање како спротивно или противречно на паметењето? Затоа што во заборавот е смртта!

Leave the first comment